Stipe Majic
10 Септември 2022•Ажурирај: 11 Септември 2022
ЗАГРЕБ (АА) - Во железничка несреќа кај Новска, што се случи синоќа околу 21:30 часот, три лица ги загубија животите, а 11 повредени се на болничко лекување, известува Агенција Анадолија (АА).
Жупанискиот центар во Сисак синоќа во 21:31 часот примил дојава дека се случил судир на патнички и товарен воз на околу 2 километри од станицата Рајиќ во Новска, кон Окучани, соопшти МВР на Хрватска.
Патнички воз што сообраќал на локалната линија Винковци - Новска, налетал на запрен товарен воз, при што вагоните од патничкиот воз излетале од шините.
На местото на несреќата испратени се екипи на итната помош, пожарникари, полиција и останати служби, а нешто по полноќ на местото на несреќата пристигнале и премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, министерот за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, и останати високи функционери.
Во своето синоќешно обраќање пред медиумите Андреј Пленковиќ оцени дека станува збор за една од најтешките железнички несреќи во Хрватска. Тој потврди дека смртно настрадале три лица и додаде дека можеби тоа не се конечни бројки, бидејќи вистинската ситуација ќе се знае откако ќе бидат отстранети вагоните од пругата.
Повредените, кои според неслужбените податоци засега се надвор од животна опасност, префрлени се во болниците во Пакрац, Нова Градишка и Славонски Брод. Исто така, неслужбено се дознава дека трите настрадани лица се хрватски државјани, додека меѓу повредените има и странци. Медиумите во Хрватска пренесоа дека настрадале неколку ирански државјани.
Истрагата е во тек, но според вестите што ги објавија националните медиуми, патничкиот воз не запрел на сигналот за стоп, по што се судрил со товарниот воз кој бил запрен на пругата поради санација на дефект.