Alma Çekovic
24 Октомври 2019•Ажурирај: 24 Октомври 2019
САРАЕВО (AA) - По налог на обвинител од Посебниот оддел за воени злосторства, полициските службеници на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) со припадниците на Граничната полиција на Босна и Херцеговина го лишија од слобода Милан Тришиќ, осомничен за злосторства против човештвото на подрачјето на Братунац во 1992 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Осомничениот е под истрага на Посебниот оддел за воени злосторства и е осомничен дека како припадник на Војската на Република Српска (ВРС) на подрачјето на Братунац, во текот на 1992 година, извршил злосторства против човештвото над жртви од бошњачка националност, кои се однесуваат на прогон, убиство, присилно исчезнување, незаконско заробување, мачење и злоупотребување, како и присилно преселување на поголем број жртви.
Во текот на истрагата се дошло до сознание дека осомничениот живее на подрачјето на САД, по што е остварена соработка со американските партнерски институции, а Тришиќ е депортиран.
По лишувањето од слобода, осомничениот ќе биде предаден на обвинител, кој ќе го испраша осомничениот, и потоа ќе одлучи за понатамошните активности во предметот.
Осомничениот е под истрага поради казнено дело злосторство против човештвото од Казнениот закон на Босна и Херцеговина. Обвинителството на Босна и Херцеговина соопшти дека презема интензивни активности за идентификување, лоцирање и процесуирање на лицата осомничени за воени злосторства кои се наоѓаат во странство.