Mehmet Yılmaz
20 Март 2017•Ажурирај: 21 Март 2017
БУДИМПЕШТА (АА) – Претседателот на Унгарија, Јанош Адер, нагласувајќи дека Македонија долго време сака да влезе во Европската Унија (ЕУ) и НАТО, по средбата со македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов кој претстојува во посета на Унгарија, истакна дека годините на замајување треба да се остават назад, јавува Anadolu Agency (AA).
„Дури 10 години ги замајуваме. Треба да се остават назад годините на замајување и веќе да се почне со средбите во вистинска смисла на зборот“.
На заедничката прес-конференција, Адер изјави: „Македонија долго време сака да се приклучи кон ЕУ и НАТО. Дури 10 години ги замајуваме. Треба да се остават назад годините на замајување и веќе да се почне со средбите во вистинска смисла на зборот“.
Адер пренесе дека стабилноста на Европа зависи од Балканот, а стабилноста на Балканот пак, од намалувањето на притисокот од бегалците во регионот, како и од утврдувањето на една јасна европска стратегија за интеграција кон балканскиот регион. Според него, Македонија од овој аспект е во посебна состојба.
Адер потврди дека Македонија направи големи напори во однос на решавањето на кризата со бегалците и додаде оти ЕУ треба и материјално и технички да ја поддржи државата во случај да се зголеми притисокот од бегалците.
Претседателот Ѓорге Иванов, пак, рече дека Македонија очекува конструктивни, отворени и разбирливи пораки и од ЕУ и од НАТО.
Иванов нагласи дека Македонија и Унгарија се во добра соработка и забележа оти ова е пример за заедничка соработка на држава-членка на ЕУ со држава-кандидатка за ЕУ. Тој на крајот истакна дека Унгарија даде значајна помош, како што рече, особено во запирањето на илегалните бегалци.