БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Големото народно собрание на Република Туркије, Мустафа Шентоп, денеска во Белград од претседателот на Народното собрание на Србија, Владимир Орлиќ, го презеде претседавањето со Парламентарното собрание на Организацијата на црноморска економска соработка (ОЦЕС), известува Агенција Анадолија (АА).
„Како парламентарци, претставници на нашите народи, ја преземам оваа многу важна должност во формирањето на политиката во нашите земји и следењето на креираните политики“, рече Шентоп во своето обраќање.
„Во тој контекст, имаме важна улога во прашањата во кои се расправа и за работата што се одвива во рамките на 60. Пленарна седница на Парламентарното собрание на Организацијата на црноморска економска соработка. Се надевам дека она што е постигнато изминатите три дена, ќе доведе до конкретни резултати и отворање на нови хоризонти за наредниот период“, истакна Шентоп и продолжи со зборовите:
„Особено во последните 30 години, брзиот развој на транспортните, информациските и масовните комуникациски технологии, заедно со процесот на глобализација, ја зголеми зависноста меѓу општествата и државите. Ваквата ситуација доведе до појава на нови можности, како и до појава на проблеми во глобални размери на начин кој досега не беше случај. Овие прашања, кои ниту една држава не може да ги надмине сама или билатерално, направија да биде клучна меѓународната и регионалната соработка базирана врз мултилатерализам.

Во тој процес, како комплементарни елементи на глобалната интеграција, се појавија организации за регионална соработка. Врз основа на тоа, со големи очекувања формирано е и Парламентарното собрание на Организацијата на црноморска економска соработка, при што се земени предвид развојот и промените во текот на 1990-те години.
„Меѓутоа, со жалење морам да кажам дека не е можно да се каже дека Организацијата денес го достигна нивото што го очекувавме. Пред сѐ, оваа организација, која ја имплементиравме како мировен проект, не направи никаков сериозен напредок во придонесот во регионалниот мир, и покрај изминатите 30 години. Сепак, ако нешто не е во потполност постигнато, не е во потполност ни напуштено, и затоа не можеме во потполност да ги отфрлиме придонесите на Парламентарното собрание на Организацијата на црноморска економска соработка“, рече Шентоп.
Тој ја нагласи значајната улога на парламентите во решавањето на глобалните предизвици.
„Ние, парламентарците, имаме важна одговорност во прашањата како што се решавањето на глобалните предизвици со кои денес се соочуваме на одржлив начин, изнесувањето на заедничките и моќни политики во соочувањето со тие проблеми и продлабочувањето на напорите во таа насока. Покрај тоа, одлучните ставови на парламентите, кои се огледало на општеството, според широкиот спектар на изворите на нестабилност, неопходни се за мирот и стабилноста да бидат трајни. Верувам дека разбирањето на дијалогот и соработката што ќе ги обликуваме со ваква свест, ќе ја зголемат ефикасноста и моќта на нашите парламенти и на Парламентарното собрание на Организацијата на црноморска економска соработка (ПСЦЕС). Со такво сфаќање, верувам дека ПСЦЕС, со кој ќе прославиме 30-годишнина, ни дава важни можности“, рече Шентоп и нагласи дека „мандатот со претседавањето што денес го преземаме, со такво сфаќање ќе го спроведуваме во наредниот период“.
„Иако се собираме како земји на Црноморскиот Слив, погодени сме, всушност, од случувањата кои се однесуваат на многу поширока географија“, порача Шентоп.
„Не можеме да размислуваме за нашата географија независно од Медитеранот, Блискиот Исток и Балканот. Освен тоа, прашањата како што се тероризам, екстремизам, имиграција, економски превирања на глобално ниво, се прашања кои ги засегаат сите земји. Сега многу појасно гледаме дека светот денес минува низ многу тежок период, а овој тежок период со себе носи и потреба од важна трансформација, како на глобално, така и на регионално ниво“, истакна Шентоп.
Туркије својата надворешна политика ја гради врз мирољубива, хуманитарна и претприемничка основа и како што посочи: „Стоиме покрај правото и правото за секое прашање, кажуваме исправно или погрешно, и јасно го кажуваме нашиот збор.“
„Заземаме наш став во интерес на преговорите, мирот и стабилноста. Како одраз на нашето разбирање за кое станува збор, како членка основач на организациите како што се Обединетите нации, ОСЦЕ, Организацијата на црноморска економска соработка и НАТО, активно сме вклучени во реформските напори за овие организации да ги направиме поефикасни. Повикот на нашиот почитуван претседател „Светот е поголем од 5“ претставува конкретна манифестација на нашите напори“, рече Шентоп и додаде:
„Од друга страна, во географија опкружена со судири и нестабилност, се обидуваме да создадеме зона на мир и просперитет околу себе, со претприемачки и хуманитарен надворешнополитички пристап, од ставање крај на хуманитарната трагедија во Сирија, до решавање на односите меѓу Русија и Украина. Зазедовме став за продолжение на преговорите, дури и во периодот кога се уриваа мостовите меѓу Русија и Украина и кога имаше судири. Од таа причина, напорите на Туркије од почетокот на војната за мирно решавање на проблемите се почитувани и ценети од страните, како и од целиот свет. Не само Украина, туку и целиот свет, особено енергетиката, храната и транспортот се негативно погодени во многу области. Продолжуваме да тежнееме кон отстранување на овие глобални проблеми.“

Во своето обраќање Шентоп потсети: „Во тој контекст, Договорот за извоз на украинското жито преку Црното Море, потпишан како резултат на разумен пристап на страните, заедничка иницијатива на Туркије и на ОН, продолжен е на 120 дена, во голема мерка придонесувајќи во ублажувањето на последиците од глобалната прехранбена криза.“
„Уште еднаш би сакал да ве потсетам дека размената на заробениците меѓу Украина и Русија, конкретно решение што го постигнавме, е резултат на нашата дипломатска иницијатива. Спроведувајќи ги сите посреднички и преговарачки процеси, ние секогаш ја штитевме супремацијата на меѓународното право. Отфрламе секој чекор против меѓународното право и во тој контекст, не ги признаваме териториите што Русија ги анектира, особено Крим“, рече Шентоп.
Шентоп рече дека тероризмот е најголема закана на денешнината и нагласи дека Туркије ја продолжува одлучната борба против терористите, без разлика дали се работи за терористичктие организации ФЕТО, ЈПГ/ПКК, ДЕАШ или некоја друга.
Претседателот на Големото народно собрание на Република Туркије, Шентоп, го нагласи значењето на воспоставувањето трајна стабилност во Црноморскиот Регион, но и во целиот свет.
Организацијата на црноморската економска соработка е основана на 25 јуни 1992 година во Истанбул. Земјите основачи се Азербејџан, Албанија, Бугарија, Грузија, Грција, Ерменија, Молдавија, Романија, Русија, Туркије и Украина. По дополнителниот пристап на Србија и Северна Македонија, организација сега бори 13 земји членки.
news_share_descriptionsubscription_contact
