Samir Kajoševic
31 Август 2020•Ажурирај: 31 Август 2020
ПОДГОРИЦА (АА) - Претседателот на Демократската партија на социјалистите (ДПС) во Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, кој е и претседател на земјата, рече дека врз основа на околу 90 отсто пребројани гласови, неговата партија освоила 30 мандати во црногорскиот Парламент, кој брои 81 пратеничко место, јавува Агенција Анадолија (АА).
Наглси дека ДПС, според наведените податоци, освоила околу 145 илјади гласови.
„Таквиот резултат значи дека ДПС е најсилната партија во Црна Гора во поглед на освоените гласови и во поглед на освоените мандати. Резултатите сè уште пристигнуваат и тешко е да се соопшти нешто што е веродостојна информација“, рече Ѓукановиќ, чиј говор во седиштето на партијата беше често прекинуван со аплауз.
Додаде дека ДПС, заедно со традиционалните коалициски партнери, засега има 40 мандати во Парламентот и дека борбата за мнозинство на пратенички места во црногорскиот Парламент сè уште трае.
„Ќе ги почекаме официјалните резултати на Државната изборна комисија“, рече Ѓукановиќ.
Освен благодарноста која ја упати кон сите црногорски граѓани кои ја дадоа својата доверба на неговата партија, тој упати благодарност и на целата гласачка јавност за атмосферата за време на кампањата и денот на изборите. Рече дека политиката на ДПС довела до високо ниво на демократска култура и политичка толеранција во Црна Гора.
Ѓукановиќ им честиташе на сите учесници на изборите за изборниот резултат.
„Многумина остварија резултат што е достоен за почит, и тоа е нешто што ДПС секогаш го почитува, го поздравува и се однесува кон тоа како автентичен израз на демократската волја на граѓаните“, рече Ѓукановиќ.
Нагласи дека верува дека Црна Гора ќе остане стабилно општество и држава на демократијата со посебен сензибилитет кон малцинствата, и дека и понатаму ќе игра улога на убедлив промотор на европските вредности во регионот, како и дека во иднина ќе го заземе своето место во семејството на европските држави и народи.