Adel Ömeragiç
01 декември 2015•Ажурирај: 02 декември 2015
ПОДГОРИЦА (АА) – Дијалогот на лидерите на парламентарните политички субјекти, чија цел е надминување на политичката криза и создавање на услови за фер и демократски избори, започна денес во Собранието на Црна Гора, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Собранието на Црна Гора, Ранко Кривокапиќ, кој е иницијатор на состанокот, предложи во првата фаза на дијалогот да се анализираат законските изборни регулативи и нивната целосна имплементација, како и да се разгледаат и други аспекти на унапредување на изборниот процес во сите области кои влијаат на создавањето на изборната доверба.
Втората фаза се однесува на разгледување на правно-политичкиот модел кој ќе обезбеди имплементација на договорените решенија.
На денешниот состанок, освен претседателот на Собранието присуствуваа и претседателите на Демократската партија на социјалистите (DPS) Мило Ѓукановиќ, Социјалистичката народна партија (SNP) Срѓан Милиќ, позитивна Црна Гора (PCG) Дарко Пајовиќ, претседателот на DEMOS Миодраг Лекиќ, на Демократска Црна Гора Алекса Бечиќ и на Граѓанското движење URA Жарко Ракичевиќ.
На состанокот присуствуваа и претеседателите на Бошњачката партија (BS)Рафет Хусовиќ, на Новите демократски сили Назиф Чунгу, на Албанската алтернатива Ѓерѓ Чамај, на Хрватската граѓанска иниијатива (HGI) Марија Вучиновиќ и потпретседателот на Социјал-демократската партија (SDP) Рашко Коњевиќ.
На дијалогот присуствуваше и шефот на делегацијата на Европската унија во Црна Гора Митја Дробнич, додека лидерите на Демократскиот фронт соопштија дека нема да учествуваат во дијалогот.
Кривокапиќ истакна дека Црна Гора се наоѓа пред предизвикот на решавање на политичката криза која доминантно е условена од недостатокот на доверба во можноста за организирање на чесни и слободни избори, особено недовербата во институциите кои се надлежни за спроведување и обезбедување на тој процес.
„Без оглед на сите политички разлики меѓу политичките субјекти, верувам дека сите ќе се согласиме околу дијагнозата на моменталната политичка ситуација која се карактеризира со општа атмосфера на недоверба“, наведе Кривокапиќ во писмото кое им го упати на лидерите на политичките партии.
Според него, недовербата се заканува да загрози многу значајни заеднички достигнувања на парламентарната демократија во Црна Гора.
„Иницијативата која ја покренав, која е поздравена од Европската комисија (EK), има за цел низ демократски дијалог, на највисоко политичко ниво, да донесе општоприфатливи решенија во функција на создавање на основна доверба и остварување неоспорни резултати на следните парламентарни избори“, наведе Кривокапиќ.