Admir Fazlagic
04 Април 2019•Ажурирај: 05 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, се сретна со Ламберто Заниер, висок комесар за малцински прашања на ОБСЕ, пренесува Anadolu Agency (AA).
Прес-службата на Собранието на Северна Македонија соопшти дека Џафери рекол дека улогата на ОБСЕ е високо ценета во насока на развојот на демократските процеси во земјата, и дека особено значајна во таа насока е улогата и константната соработка со високиот комесар за национални малцинства.
„Особена благодарност за придонесот на високиот комесар за придонесот што го дава во унапредувањето на меѓуетничките односи и залагањето на Република Северна Македонија за изедначување на степенот на вклученост и интеграција на сите етнички заедници кои живеат тука“, се вели во соопштението.
Претседателот Џафери направил краток осврт и на актуелната застапеност на претставници од сите етнички заедници во парламентарниот состав и на законското решение со кое заедниците кои не се застапени во Собранието, ќе имаат свој претставник во Комитетот за меѓуетнички односи, на предлог на Омбудсманот.
„Што се однесува на определбите од Охридскиот рамковен договор, во март 2018 година е донесен Законот за употреба на јазиците, и согласно овој закон, основана е Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, а се очекува и основање на инспекторат за употреба на јазикот“, информирал Џафери на средбата.
Претседателот на Собранието изразил задоволство и од Резолуцијата за промени и подобрувањето на положбата на Ромите која е веќе во процедура. Како што истакнал Џафери, сиот вложен ангажман е во насока на остварување на заедничката цел, односно градење соживот и унапредување на меѓуетничката интеграција и толеранција кои се многу важни за стабилноста на државата.
Високиот комесар Заниер, вреднувајќи ја високо улогата на Собранието во ратификацијата на Договорот со Грција и перспективите за НАТО и ЕУ, му честитал на претседателот Џафери за неговиот личен ангажман во постигнувањето на овие цели.
„Неговиот прв впечаток по пристигнувањето во Република Северна Македонија е дека има повисок степен на стабилност, а по остварените средби со директорот на Агенцијата за примена на јазикот и министерот за образование, констатира дека тие институции имаат стратешка улога за зајакнување на процесот на социјална интеграција“, пишува во соопштението во кое се наедува дека советите на Заниер се да се гради одржлива политика со балансиран пристап.
„Имајќи предвид дека ОБСЕ на овие прашања работи во многу земји, има и искуство и практики кои може да ги сподели и со нас. Комесарот Заниер се интересираше и за новото Министерство за политички систем и за тоа дали тоа ќе повлече нова законска регулатива, на што претседателот Џафери даде широко образложение за тоа како дојде до основање на оваа нова институција и дека новина, за разлика од претходните две институции кои се редефинираат во ова тело е всушност извршната надлежност.“
„Соговорниците разговараа и за претстојните претседателски избори за кои веруваат дека ќе бидат фер и демократски, а претседателот Џафери потврди дека за верификација на непристрасноста вклучени се и домашни институции, акредитирани за ОБСЕ и ОДИХР, како што е Државниот завод за ревизија и Комисијата за борба против корупцијата“, информираше собраниската прес-служба.
Се додава дека Заниер изразил верба во продолжување на одличната соработка со институциите на Република Северна Македонија.