Vesna Besic
06 Септември 2022•Ажурирај: 07 Септември 2022
САРАЕВО (АА) - Република Туркије има многу стабилизирачка улога во регионот на Западен Балкан, порача претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), Шефик Џаферовиќ, по состанокот со претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, известува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган, кој денеска допатува во официјална посета на БиХ, беше дочекан со највисоки државни почести пред зградата на Претседателството на БиХ.
Претседателот на Туркије, Ердоган, со посетата на Сараево ја започна тридневната регионална турнеја, која покрај БиХ, ги опфаќа и Србија и Хрватска.
„Република Туркије и БиХ имаат извонредни пријателски, братски односи и врски. Тие се историски, политички, економски и на културно поле. Претседателот Ердоган дава посебен тон на тие односи. Ќе продолжиме да ги зацврстуваме нашите односи и врски“, рече претседавачот со Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ.
Тој потсети дека е ова четврта официјална службена посета меѓу БиХ и Туркије.
„Не постои ниту една држава на светот со која БиХ во овој четиригодишен мандат, а слободно можеме да кажеме и во изминатите мандати, имала толку тесни врски и соработка, како што е тоа односот и соработката со Туркије“, изјави Џаферовиќ.
Џаферовиќ истакна дека ќе бидат запаметени многу позитивни нешта благодарение на релациите што ги имал со Туркије овој состав на Претседателството на БиХ, во овој мандат.
„На состаноците зборував за две многу важни работи, а тоа се автопатот Сараево - Белград - Сараево и документите, односно меѓународните договори кои Туркије и БиХ ги усвоија. Тоа ќе продолжи да се реализира во наредниот период. Очекуваме тоа да биде интензивирано во периодот што следува“, рече Џаферовиќ.
Тој порача дека Република Туркије е силно определена за територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ, за реформите кои БиХ ги презела.
„Туркије дава поддршка за продолжување на мандатот на АЛТЕА, што нè очекува во ноември. Второ прашање што денеска посебно го нагласивме е прашањето за односот на Туркије со сите држави од Западен Балкан. Туркије има добри, пријателски односи со сите држави од Западен Балкан и игра многу стабилизирачка улога во регионот на Западен Балкан. Кога сме во прашање ние, внатре во БиХ, Туркије и Ердоган водат урамнотежена политика и имаат добри односи со сите нас во БиХ, без обѕир на кој народ му припаѓаме и од кој дел на БиХ доаѓаме“, нагласи Џаферовиќ.
Особено му се заблагодаривме за лидерската улога во светот, посредувањето во војната меѓу Русија и Украина.
Ердоган денес ќе се сретне со членовите на колегиумот на Претставничкиот дом и на Домот на народот на Парламентарното собрание на БиХ.
Потоа ќе ги посети гробиштата на мачениците Ковачи, ќе му оддаде почит на првиот претседател на Претседателството на РБиХ, Алија Изетбеговиќ, ќе ја посети неодамна отворената Управна зграда на Исламската заедница Ријасет (ИЗ) во Босна и Херцеговина, а вечерва ќе присуствува и на бизнис-форум.
- По БиХ, посета на Србија и Хрватска
По Сараево, турскиот претседател ќе отпатува за Белград, каде што покрај средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ и средбата на делегации, Ердоган ќе учествува во голем број програми. Планирано е Ердоган и Вучиќ да го посетат престижниот проект „Waterfront“ во Белград, во чија изградба учествуваат турски компании со 1.500 работници.
Последна станица од мини балканската турнеја ќе биде Хрватска. Ердоган во четврток во Загреб ќе одржи состаноци со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и со премиерот Андреј Пленковиќ. Претседателот на Туркије ќе го отвори и Исламскиот културен центар во Сисак, што е изграден со поддршка на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА). Бизнис-форум е планиран и во Хрватска.