Dzihat Aliju
07 Септември 2022•Ажурирај: 08 Септември 2022
СКОПЈЕ
Република Северна Македонија ја одбележува 31-годишнината од својата независност, по отцепувањето од поранешна Југославија, пишува Агенција Анадолија (АА).
Земјата со претходно име Република Македонија ја прогласи својата независност во 1991 година како резултат на политичките превривања и конфликти до кои дојде во Сојузна Федеративна Република Југославија. На референдумот за независност одржан на 8 септември 1991 година, 95,3 отсто од граѓаните се изјаснија за „независна Македонија“.
По прогласувањето на независноста, голем број земји, од кои меѓу првите Туркије и Бугарија, ја признаа независноста на Македонија.

За прв претседател на независна Македонија беше избран Киро Глигоров, а сопствената валута, денарот, беше воведена на 26 април 1992 година. Во август истата година беше формирана и АРМ - Армијата на Република Македонија.
Иако Република Македонија беше едногласно прифатена за членка на Обединетите нации (ОН) на Генералното собрание на ОН одржано на 8 април 1993 година, таа во организацијата беше заведена под името „Поранешна Југословенска Република Македонија“ како привремена референца поради приговорот од страна на јужниот сосед Грција.
- Промена на името и членство во НАТО
Преговорите за изнаоѓање решение за спорот околу името меѓу Македонија и Грција траеја долги години, со прекини.
По преговорите со посредство на ОН, во јуни 2018 година беше потпишан Преспанскиот договор (решавање на прашањето за името и договор за стратешко партнерство). Според договорот, Македонија го промени името во „Северна Македонија“. За таа цел, се одржа референдум во септември 2018 година.
На референдумот беше поставено прашањето „Дали сте подготвени за влез во Европската Унија (ЕУ) и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција?“. Референдумот го бојкотираше опозицијата, при што излезноста на гласањето изнесување 36,91 отсто, а својот глас „ДА“ го дадоа 91,46 отсто од гласачите.
По спроведените процеси земјата го смени името во Република Северна Македонија, со што беше решен 25-годишниот проблем со името на државата, кој беше пречка за евроатлантските интеграции на земјата.
Северна Македонија првпат стана кандидат за членство во НАТО на Самитот во Вашингтон во 1999 година. По Договорот од Преспа, Северна Македонија за првпат доби покана од НАТО за почеток на пристапните преговори во јули 2018 година.
Во февруари 2019 година, земјите членки на НАТО го потпишаа протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО, а по процесот на одобрување на овој протокол во парламентите на земјите членки, Северна Македонија стана 30-тата членка на НАТО на 27 март 2020 година.
- Пристапни преговори со ЕУ
По оставката на поранешниот премиер Зоран Заев од партиската и од премиерската функција во октомври 2021 година, владата на новоименуваниот премиер Димитар Ковачевски, претседател на партијата на власт, СДСМ (Социјалдемократски сојуз на Македонија), ја доби довербата во Собранието во јануари 2022 година.
Ковачевски во јули објави дека неговата влада го одобрила францускиот предлог кој ќе ѝ овозможи на Република Северна Македонија да ги започне пристапните преговори со Европската Унија (ЕУ). Претходно низ државата со денови се одржуваа протести предводени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Северна Македонија, заедно со Албанија, ги започна пристапните преговори со ЕУ на 19 јули и се одржа првата меѓувладина конференција.
Северна Македонија, која доби статус на „земја кандидат“ во 2005 година, ќе почне да ги отвора поглавјата за членство во ЕУ откако ќе се направат неопходните уставни измени кои произлегуваат од билатералниот протокол потпишан со Бугарија.
- 30-годишнина од дипломатските односи со Туркије
Република Северна Македонија на 26 август годинава ја одбележа 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи со Република Туркије.
Во тие рамки, министерствата за надворешни работи на двете земји објавија заедничко писмено соопштение по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи.