СКОПЈЕ (АА) - ЏИХАД АЛИУ - Главниот извршен директор на „Халкбанк АД Скопје“, Билал Суџубаши, истакна дека во оваа земја се наоѓаат за да бидат мост помеѓу Македонија и Турција.
Суџубаши, во разговор за Anadolu Agency (AA), зборуваше за активностите и целите на оваа банка, како и за трговските настани помеѓу Турција и Македонија.
Суџубаши потсети дека „Халкбанк“ од 2011 година започна да работи во Македонија откако ги презеде „ИК Банка“ и „Демир Халкбанк“, и додаде дека од овој датум покажале стабилен растечки перформанс.
Истакнувајќи дека во првиот период кога почнале да работат се наоѓале меѓу првите осум банки во земјата, Суџубаши рече дека денес, како резултат на постигнатиот напредок, се искачиле на четвртото место.
Суџубаши истакна дека нивната разлика во овој сектор, е таа што работат врз основа на задоволството на клиентите, додека, според него, искористувајќи ги искуствата на главната банка која е основана во 1938 година, ја пренеле нивната визија во Македонија.
Суџубаши нагласи дека имаат за цел да бидат пионери во секоја област на банкарскиот сектор.
„Во овој контекст, картичката ВИЗА Платинум е област во која сме пионери. Ние сме банка која на македонскиот пазар први му ја понудивме Платинум дебитната картичка на ВИЗА. Среќни сме што заедно со ВИЗА бевме први кои оваа картичка ја ставивме на македонскиот пазар. За оваа картичка има мошне голема заинтересираност“, додаде тој.
- „Нашата главна работа е да нудиме поддршка за малите и средни претпријатија“
Суџубаши вели дека, базирајќи се на 80-годишното искуство, нивната главна работа е да нудат поддршка за малите и средни претпријатија.
Тој нагласи дека сакаат да го пренесат искуството на Турција до малите и средни претпријатија, што имаат потешкотии во наоѓање финансии во Македонија.
Според него, овие претпријатија се еден од темелите за развојот на земјата, а рече дека имаат одредени производи што ги создале токму за тоа.
„Нудиме финансиски пакети како ЕСНАФ, РААТ и ПРОМО ПЛУС, кои во краток и долг рок ќе ги решат проблемите и ќе ги задоволат потребите на малите и средни претпријатија. Малите и средни претпријатија сочинуваат 98 отсто од нашето портфолио како Халкбанк“, истакна Суџубаши.
Суџубаши нагласи дека банкарскиот систем во Македонија е еден динамичен сектор кој внимателно ги следи сите настани во светскиот банкарски систем на ниво на своја големина, и делува на тој начин.
„Мислам дека банкарскиот сектор во Македонија, особено ако се споредо со земјите од Балканот, се наоѓа во многу подобра состојба. Банкарскиот сектор во Македонија е основан врз црсти темели, контролата на секторот се врши на многу поздрав начин и во овој контекст, играчите во секторот покажуваат потребно внимание и важност, како во придонесот во капиталот, така и во процедурите“, рече Суџубаши.
- „Тука сме за да бидеме мост помеѓу Македонија и Турција“
Осврнувајќи се на односите помеѓу двете земји, главниот извршен директор на „Халкбанк АД Скопје“ рече: „Тука сме за да бидеме мост помеѓу Македонија и Турција“.
Според него, трговскиот обем меѓу Турција и Македонија не е на доволно ниво.
„Една од нашите основни цели е во најкраток можен рок да се зголеми нашата надворешна трговија, која моментално изнесува 460 милиони евра, до една милијарда евра. За да се направи тоа, мислам дека ќе биде доволно точно промовирање и информирање. Бидејќи Македонија се наоѓа во центарот на Балканот, и е многу блиска до Европа. Од аспект на локација, се наоѓа на рутата на Патот на свилата. Во овој контекст, мислам дека тука нема да инвестира само Турција, туку тоа ќе нуди многу сериозна предност за сите инвеститори во светот“, нагласи Суџубаши.
Суџубаши рече дека нивната главна цел е во банкарскиот сектор на Македонија секогаш да бидат лидери во иновациите, како и најсовремените технологии.
Тој додаде дека се посветени на нудење услуги коишто ги нуделе досега, развивајќи ги на најбрз начин за клиентите во Македонија.
Суџубаши нагласи дека тие како „Халкбанк“ се банка која во 2017 година дала најмногу кредити, собрале најмногу депозити, отвориле нови филијали, и вработиле нов персонал, и додаде дека ќе вложат напор „Халкбанк“ да влезе меѓу првите три банки во земјата во наредниот период.
Инаку, „Халкбанк“ во Република Македонија моментално има 40 филијали и над 500 врботени лица, кои работат на остварување на целите на банката а тоа се најнапред постојано работење според најновите трендови, нудење иновативни решенија за своите корисници, како и постојано вложување во услугата и во процесите со цел постигнување задоволство кај клиентите.