Meryem Göktaş
28 Март 2018•Ажурирај: 28 Март 2018
ЊУЈОРК (АА) - Адвокатите на поранешниот турски банкар кој е осуден за прекршување на санкциите на САД за Иран испратија писмо до судијата во Њујорк, во кое го повикуваат на изрекување на 'фер казна', јавува Anadolu Agency (AA)
Адвокатите на Мехмет Хакан Атила, поранешниот заменик извршен директор на Халкбанк, во понеделникот до судот испратија писмо од 75 страници, во кое го повикуваат судијата Ричард Берман да изрече донесе 'фер казна'.
Адвокатите рекоа дека според федералните упатства пресметале оти Атила треба да добие казна од 46 до 57 месеци (4-5 години). Тие додадоа дека казната треба да биде уште пониска.
За да ги поддржат нивните тврдења, тие рекоа дека доказите покажале оти Атила всушност бил искористен од страна на бизнисменот Риза Сараф, кој го опишаа како „архитект на овој заговор“.
Риза Сараф, кој беше уапсен во САД во март 2016 година, обвинет за прекршување на санкциите на САД за Иран, се изјасни за виновен во случајот минатиот октомври и соработуваше со обвинителите. Тој сведочеше против Атила.
Во писмото, адвокатите случајот го нарекоа 'уникатен' велејќи дека Атила, кој нема никаква поврзаност со САД, бил во судот, додека меѓународните банки кои ги прекршувале санкциите против Иран добиле само парични казни. Тие додадоа дека другите странски банкари не биле казнети.
Адвокатите исто така вклучија делови од писма испратени до судот од семејството на Атила, пријателите, роднините и колегите кои го нарекле 47-годишниот банкар сакана, почитувана, смирена, искрена и вредна личност.
Обвинителите сè уште не го поднесоа нивното барање за казната.
На 15 декември 2017 година, адвокатите на Атила побараа ослободување од сите обвиненија, поради недоволни докази. Тие истакнаа дека од канцеларијата на обвинителот не биле во можност да докажат дека Атила има поврзаност со криминалот сторен од страна на Сараф.
На 3 јануари, Атила беше прогласен за виновен од страна на поротата по пет точки за заговор и банкарска измама, но беше ослободен од обвинението за перење пари.
На 7 февруари, судијата во Њујорк го одби барањето на Атила да го ослободи од сите обвиненија поради недостаток на докази.
Казната за Атила се очекува да биде изречена на наредното сослушување на 11 април.
Атила беше единствениот обвинет во овој случај.