Abdula Berisha
21 Јуни 2022•Ажурирај: 22 Јуни 2022
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, на прес-конференција информираше дека на предлог на Министерството со кое раководи, Владата на Северна Македонија го усвоила новиот Закон за заштита на потрошувачите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според министерот Бектеши, главната цел на политиката за заштита на потрошувачите е да се подобри квалитетот на живот на граѓаните и заштита на ранливите категории граѓани.
Бектеши рече дека како резултат на анализата на пазарот произлегла потребата за креирање модерна законска рамка.
„Со овој закон, од една страна, се обезбедува високо ниво за заштита на правата на потрошувачите, а истовремено гарантира полесни услови за деловно работење", изјави Бектеши.
Тој исто така рече дека законот е целосно усогласен со европската регулатива и дека со него се уредуваат правата и обврските на потрошувачите и на трговците во потрошувачките односи, начините и постапките за заштита на правата на потрошувачите, како и информирањето и унапредувањето на знаењето на потрошувачите за нивните права.
Бектеши истакна дека законот обезбедува инструменти за брзо решавање на потрошувачките спорови.
„Она што е новина и клучно во ова решение е што се воведуваат, односно се дава посебно внимание на нечесните трговски практики, измамнички трговски практики и агресивни трговски практики при продажба на стоките и услугите“, нагласи Бектеши.
Според него, потрошувачите чии права се повредени имаат право за надоместок на штета, на сразмерно намалување на цената и раскинување на договорот, додека за трговците следуваат глоби, санкции или забрана за вршење дејност.
Бектеши истакна дека во зависност од големината на компанијата, глобите се движат од 500 па до 10.000 евра, додека глобите за трговците поединци се помали.
За да влезе во сила, новиот Закон за заштита на потрошувачите треба да биде усвоен во Собранието на Северна Македонија и да биде објавен на Службен весник.