Besar Ademi
09 Јуни 2017•Ажурирај: 10 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Институтот за акредитација на Република Македонија под мотото „Акредитација: Обезбедување на доверба во градежништвото и изградената животна средина" и со промоција на годишниот извештај за работата на Институтот, го одбележа Меѓународниот ден на акредитацијата, јавува Anadolu Agency (АА).
Како дел од одбележувањето на Меѓународниот ден на акредитацијата, Институтот им додели сертификати на акредитирани и реакредитирани тела за оцена на сообразност во периодот од јуни 2016 година до мај 2017 година.
Директорот на Институтот за акредитација, Трпе Ристоски, изјави дека Институтот со кој раководи ги опфаќа сите области на економијата, но оваа година се фокусира на областа градежништво. Тој додаде дека за првпат оваа година Институтот доделува сертификат за две акредитирани тела за градежни производи.
„Тоа беше една празнина во градежништвото досега бидејќи сите производители на овие градежни материјали досега мораа во странство да ги праќаат нивните производи со цел да бидат сертифицирани веќе од минатата година тоа е овозможено и нашите акредитирани тела понатаму да работат на тоа поле“, рече Ристоски.
На овој настан, покрај претставниците од научните и образовните институции, здравствените установи и од телата за оцена на сообразност, исто така присуствуваше и министерот за економија, Крешник Бектеши. Тој ги поздрави акредитираните тела, истакнувајќи дека тие придонесуваат за локалните компании да конкурираат полесно на слободните пазари.
„Тие ги олеснуваат условите за лесно движење на стоки, услуги и лица, и ја подржуваат глобалната економија и слободната трговија. Особено значење има фактот што македонските компании имаат еднаков третман со своите европски и светски конкуренти, што претставува богатство од национален интерес за државата“, рече Бектеши.
Меѓународниот ден на акредитацијата е глобална иницијатива на Меѓународниот форум за акредитација (IAF) и Меѓународната корпорација на акредитирани лаборатории (ILAC), која има за цел да ја подигне свеста за значењето на акредитацијата. Оваа година, темата е фокусирана на тоа како акредитација може да ги поддржува професиите во градежната индустрија, како што се изведувачите, производителите, дизајнерите, архитектите, градежните инженери и регулаторите.