Bekim Laci
08 Август 2018•Ажурирај: 09 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Заменик-министерката за финансии на Македонија, Ширет Елези, изјави дека ова Министерство ги изготви законските измени со кои се намалуваат високите трошоци за брзите кредити, јавува Anadolu Agency (AA).
Елези, по средбата со претседателката на Организацијата за заштита на потрошувачите, Маријана Лончар, нагласи дека со новите законски измени вкупните годишни трошоци за потрошувачките кредити се ограничуваат на 55 отсто од вкупниот кредит, додека претходно годишните трошоци достигнувале и до 500 отсто од кредитот.
Елези подвлече дека со новите измени се опфаќаат и малите кредити под 200 евра, кои претходно не биле законски опфатени, на пример, како што рече, за земен кредит од 12.000 денари, граѓаните требало да вратат 36.000 денари.
Според неа, новите мерки се преземени за да се заштитат граѓаните, со тоа што ќе се намали ризикот од понатамошно влошување на состојбите, во кои искуството покажало дека клиентите кои не биле во можност да го вратат земениот кредит, повторно позајмувале од друго место за да го вратат стариот долг.
„Поплаките на граѓаните, главно се однесуваат на малите кредити, при што сметаме дека е разумно да им помагаме со Организацијата за заштита на потрошувачите. Во електронскиот систем ЕНЕР ќе ги споделиме предложените законски измени со јавноста. Затоа бараме од пошироката јавност да поднесе предлози, врз чија основа Министерството за финансии ќе ги изготви законските измени кои ќе ги достави до Владата“, рече Елези.
Претседателката на Организацијата за заштита на потрошувачите, Маријана Лончар, истакна дека измените се добредојдени, особено за потрошувачите, бидејќи ја ограничуваат годишната стапка на вкупните трошоци за потрошувачките кредити.
„Поволно за потрошувачите е тоа што со законските измени се овозможува Законот да се применува и на кредитите до 200 евра кои досега не беа опфатени со овој закон. Кај потрошувачите се создава заблуда, затоа што овие кредити најчесто се рекламираат како кредити без камата, а всушност, пресметаните трошоци претставуваат скриена камата“, рече таа.
Елези додаде дека измените во Законот за брзи кредити доаѓаат во еден период кога завршуваат годишните одмори, кога се зголемуваат финансиските потреби на граѓаните, и затоа овој закон, според неа, има за цел да ги заштити граѓаните.