Yusuf Soykan Bal
14 Октомври 2020•Ажурирај: 14 Октомври 2020
ИЗМИР
Од 9 октомври досега во турските градови Измир, Истанбул, Мерсин, Мугла, Ајдин, Кириккале, Трабзон и Зонгулдак, како последица на труење со метил алкохол животот го загубија 45 лица, известува Агенција Анадолија (АА).
Фалсификуваниот пијалак, произведен и пуштен во продажба со цел незаконско стекнување профит, продолжува да одзема животи во Турција.
Вчера уште едно лице на 49-годишна возраст, под сомнение за труење со метил алкохол, почина во Измир.
Тоа е 19. смртен случај во овој град од 9 октомври досега, за кој постои сомневање дека е последица на труење со метил алкохол.
И во местото Ерегли во областа Зонгулдак почина лице на 54-годишна возраст, чија здравствена состојба се влошила по консумирањето алкохол.
Утврдено е дека лицето починало поради консумирање фалсификуван пијалак.
Во исто време, се дознава дека едно лице поради консумирање фалсификуван пијалак се наоѓа на интензивна нега.
Со последните два смртни случаи, вкупниот број починати од консумирање фалсификуван алкохол во Турција во последните 6 дена се искачи на 45.
- Продолжуваат операциите на безбедносните единици
Во соопштението што го објави Главната дирекција за безбедност, по смртните случаи предизвикани од консумирање фалсификуван/криумчарен пијалак, запленети се 16.737 литри етил алкохол, и 3.253 литарски и 2.495 повеќелитарски шишиња фалсификуван алкохол.
Екипите на жандармеријата спроведоа 3 операции во подрачјето на Истанбул, со цел откривање на производството и дистрибуцијата на фалсификуван алкохол, при што се приведени 17 од осомничените 22 лица.
Три лица се приведени под обвинение за „убиство со умисла“ откако во населбата Бахчелиевлер едно лице почина по консумирање фалсификуван алкохол.
Во населбата Башакшехир, во магацин сместен во индустриската зона, приведени се 2 лица. При претресот на магацинот запленети се 7.000 литри метил и етил алкохол.
Во операцијата против фалсификувачите на алкохолни пијалаци во Измир приведени се 10 од 20 осомничени.
Екипите на Командата на измирската жандармерија од 4 септември досега спроведоа рации на повеќе локации, при што се запленети 18 тони етил алкохол, 6 машини за дестилација и флаширање пијалаци, и апарати и опрема што се користат во производството на пијалаци.
Полицијата на областа Мерсин спроведе рации во кои заплени 700 литри етил алкохол и приведе 4 лица.
Во рацијата спроведена во магацин за алкохолни пијалаци во областа Болу запленети се 1.110 литри етил алкохол и 1.288 парчиња ароматизер за пијалаци.