Riyaz Khaliq Khaliq
07 Октомври 2026•Ажурирано: 07 Октомври 2026
Кина ги оцени билатералните трговски односи со 27-члената Европска Унија како „високо интегрирани и меѓусебно зависни“, нагласувајќи ја потребата од дијалог за трговските „загрижености“, јавува Анадолу.
Овој потег следува откако Франција и Германија во понеделникот повикаа на нови трговски инструменти на ЕУ, оценувајќи дека постојните мерки на блокот повеќе не се доволни за справување со предизвиците со кои се соочува неговиот трговски систем.
„Меѓу Кина и ЕУ, индустриските и синџирите на снабдување се високо интегрирани и меѓусебно зависни, а нашите економски и трговски односи се од заемна корист“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун, во писмено соопштение доцна синоќа.
„Се надеваме дека ЕУ ќе соработува со Кина во иста насока и дека двете страни ќе ги решаваат меѓусебните загрижености преку дијалог и консултации, со цел заеднички да ги одржат глобалните индустриски и синџири на снабдување стабилни и непречени и да промовираат здрав и стабилен развој на економските и трговските односи меѓу Кина и ЕУ“, рече тој.
Во заедничко писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц наведоа дека ЕУ се соочува со „невидени предизвици“ и предложија намалување на европските зависности, решавање на постојната концентрација во синџирите на снабдување и спречување на нови ризици од прекумерна концентрација.
Писмото беше објавено во пресрет на посетата на еврокомесарот за трговија Марош Шефчович на Пекинг, каде што ќе биде домаќин кинескиот министер за трговија Ванг Вентао.
Ванг и Шефчович ќе се сретнат в четврток и петок, што ќе биде нивна прва средба во последните три месеци, откако последен пат разговараа во Брисел.
Шефчович претходно изјави дека Брисел бара напредок особено во областите на автомобилите, медицинските уреди и земјоделско-прехранбените производи, а доколку преговорите не успеат, би можел да прибегне кон трговски заштитни инструменти.
ЕУ во 2025 година увезла стоки од Кина во вредност од 559,4 милијарди евра (634 милијарди долари), додека извезла стоки во вредност од 199,6 милијарди евра, што резултирало со трговски дефицит во стоки од 359,8 милијарди евра.