Övünç Kutlu
24 Јули 2018•Ажурирај: 24 Јули 2018
ЊУЈОРК (АА) - Матичната компанија на еден од американските технолошки гиганти „Google“ (Гугл) го објави билансот на состојба за вториот квартал од оваа година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението што го даде „Alphabet“ (Алфабет) се вели дека приходите на компанијата во вториот квартал од оваа година, споредени со истиот период лани, се зголемени за 25,6 % и достигнале 32,66 милијарди долари. Компанијата во периодот април - јуни 2017 година имаше објавено приход од 26,01 милијарда долари.
Компанијата соопшти дека чистата добивка во вториот квартал, споредено со лани, е намалена за 9,4 % и изнесува 3,19 милијарди долари. Минатата година „Alphabet“ во вториот квартал имаше чиста добивка од 3,52 милијарди долари.
Добивката по акција, која минатата година изнесуваше 5,01 долар, оваа година во истиот период е намалена на 4,54 долари по акција.
Во соопштението се вели дека казната од 5,07 милијарди долари, што минатата недела Европската Унија му ја изрече на „Google“, се рефлектирала врз чистата добивка.
- Раст од 23,9 % во приходите од реклами
Покрај тоа, во соопштението се вели дека „Google“ забележал раст на приходите од реклами во споредба со истиот период минатата година.
Според тоа, приходите од реклами што „Google“ ги остварил во вториот квартал годинава, споредено со истиот период лани, се зголемени за 23,9 % и изнесуваат 28,09 милијарди долари. „Google“ во периодот април - јуни минатата година оствари приход од 22,67 милијарди долари.
Следејќи го постојаното зголемување на приходите на „Alphabet“, на берзата е забележано и зголемување на вредноста на акциите на компанијата.
Во понеделникот акциите на компанијата денот го завршија со цена од 1.211 долари од акција. По затворањето на берзата во Њујорк, изршени се ограничени операции, по што е забележан раст од 5 % и акциите се искачија на вредност од 1.272 долари.