Bahar Yakar, Tunahan Kükürt
11 Мај 2026•Ажурирај: 11 Мај 2026
Вкупната пазарна вредност на десетте најмоќни глобални компании бележи голем раст од 16,69 отсто, односно 4,18 билиони долари, достигнувајќи рекорден износ од 29,2 билиони долари од почетокот на војната во Иран што започна кон крајот на февруари, јавува Анадолу.
Пазарната вредност на водечките светски компании бележеше флуктуации во периодот пред заедничките напади на САД и Израел врз Иран на 28 февруари.
Заклучно со крајот на март, вкупната пазарна капитализација на десетте водечки компании се намали за 4,3 отсто, односно за 1,07 билиони долари во споредба со состојбата пред почетокот на тензиите. Со овој едномесечен пад, нивната пазарна вредност се спушти на 23,9 билиони долари.
Препораките на водечките инвестициски банки во однос на купувањето и очекувањата за инвестициите во вештачката интелигенција (ВИ) ја зголемија пазарната вредност на овие компании особено по извесното стивнување на геополитичките тензии. До крајот на април, вкупната вредност на десетте најголеми компании достигна 27,8 билиони долари, што е месечен раст од 16,19 отсто или за 3,88 билиони долари.
Вредноста на овие компании, заклучно со последното затворање на берзите на 8 мај, порасна за дополнителни 4,94 отсто или за 1,37 билиони долари во однос на крајот на април. Со овој последен раст, вкупната пазарна капитализација достигна рекордни 29,24 билиони долари.
Производителот на чипови „Нвидија“ постави нов рекорд во април со пазарна капитализација од 5,22 билиони долари, надминувајќи го прагот од 5 билиони долари по загубата од 67,7 милијарди долари во март.
„Нвидија“ не успеа да го задржи ова ниво по бранот повлекување на профитот кон крајот на месецот, но подоцна повторно закрепна и уште еднаш го надмина овој праг.
Веднаш зад „Нвидија“, „Алфабет“ достигна пазарна вредност од 4,83 билиони долари, а по нив следува „Епл“ со 4,30 билиони долари, со што пазарната вредност на двете компании го надмина нивото од 4 билиони долари.
„Мајкрософт” се најде на четвртото место меѓу првите десет со пазарна вредност од 3,08 билиони долари, по кој следуваат „Амазон” со 2,93 билиони долари, „Бродком” со 2,03 билиони долари, „ТСМЦ” со 1,89 билиони долари, „Сауди Арамко” со 1,76 билиони долари, „Тесла” со 1,60 билиони долари и „Мета” со 1,54 билиони долари.
Пазарната вредност на „Сауди Арамко“ порасна за 158 милијарди долари, додека кај „Тесла“ е забележан пораст од 98,37 милијарди долари во истиот период. „Мета“ е единствената компанија што забележа пад, губејќи 92,62 милијарди долари од својата вредност.
Според процентуалниот пораст од почетокот на војната, „Бродком” е лидер со скок од 34,38 отсто, по кој следуваат „Амазон” со 30,12 отсто и „Алфабет“ со пораст за 28,24 отсто.