Ekipa
07 Ноември 2022•Ажурирај: 09 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Компанијата за сондажа на гас и нафта „Енерџиан“ денес објави дека открила големи количини гас во близина на брегот на Израел, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Компанијата соопшти дека во бунарот „Зевс“, во кој се вршело сондажното дупчење, откриени се 13 милијарди кубни метри гас, според весникот „Ерусалим пост“.
„По почетокот на црпењето од нашиот резервоар Кариш минатата недела, среќен сум што нашата програма, која досега донесе пет бунари, продолжува со успеси, обезбедувајќи сигурност во снабдувањето и енергетска конкуренција во регионот“, изјави Матиос Ригас, извршниот директор на „Енерџиан“.
„Сметаме дека има голем број потенцијални опции за комерцијализација на областа Олимп, и за новата и нашата постоечка, уникатна инфраструктура. Очекуваме да се посветиме на развојниот концепт во првата половина од 2023 година“, рече Ригас.
Компанијата истакна дека областа Олимп, која се наоѓа помеѓу гасните полиња Кариш и Танин, е богата со гас и е комерцијално исплатлива.
Откривањето на гасот се случи по неколку дена откако Израел и Либан потпишаа договор, со посредство на САД, за демаркација на нивната поморска граница, што им овозможи и на Тел Авив и Бејрут да спроведуваат дупчења во нивните ексклузивни економски зони.