Поради значителните разурнувања и блокадата од Израел на Појасот Газа, каде што дури и задоволувањето на најосновните потреби е крајно ограничено, илјадници раселени Палестинци се принудени да живеат во шатори поставени веднаш до депониите за отпад, при што се изложуваат на огромни здравствени и еколошки ризици, јавува Анадолу.
Властите предупредуваат дека сметот што не се собира поради тековната окупација и блокада предизвикува сериозна здравствена и еколошка криза, упатувајќи итен апел до меѓународната заедница за преземање мерки.
Иако по двегодишните напади од Израел на 10 октомври беше договорен прекин на огнот, сепак, границите и понатаму се речиси затворени. Ограниченото движење на стоки и луѓе само ги продлабочува проблемите на регионот и го одолговлекува неговото закрепнување.
Палестинците, кои се обидуваат да преживеат без најосновните средства во шатори поставени покрај урнатините на нивните домови или во подалечни кампови, ги одгледуваат своите деца во крајно нехумани услови.
Во Газа, каде што не постои извор на приходи или можност за работа, децата се принудени да пребаруваат низ отпадот за да најдат каква било употреблива работа или парче храна.
Меѓу најголемите ризици со кои се соочува населението е несобраниот отпад. Нагласувајќи дека сметот, кој не може да се отстрани поради континуираната окупација и блокада на Израел, предизвикува сериозна здравствена и еколошка криза, надлежните упатуваат итен апел до меѓународната заедница за преземање ургентни мерки.
Израел, исто така, ја продолжува својата окупација на т.н. „Жолта линија”, која опфаќа речиси 50 отсто од Газа.
Поради оваа ситуација, општините во Газа немаат пристап до големите депонии за собирање отпад што се наоѓаат во окупираниот регион.
Кога на ова ќе се додаде и недостигот на гориво и опрема, се појавува огромен проблем со собирањето на сметот што се таложи меѓу шаторите на присилно раселените Палестинци, предизвикувајќи сериозни здравствени и еколошки проблеми.
Ата Маруф, раселен Палестинец кој живее во Беит Лахија, за Анадолу ја опиша немоќта: „Животот покрај ѓубриштата стана наметната реалност за палестинските семејства. Принудени сме да бидеме тука бидејќи немаме каде да одиме.“
Маруф објаснува дека за да подготват оброк, мора да запалат оган. Бидејќи немаат ниту гас ниту гориво, тие собираат хартија, најлон и парчиња дрво од депониите.
Тој нагласи дека кај луѓето, особено кај децата, веќе се забележуваат чешање и иритации на кожата проследени со инфекции што брзо се шират.
Тринаесетгодишниот Самир Веди вели: „Често се повредуваме додека пребаруваме низ ѓубрето, а понекогаш од глад го јадеме тоа што ќе го најдеме таму.“
Продолжуваат да го прават ова само затоа што немаат друг избор за да преживеат уште еден ден, вели тој.
Палестинските семејства на кои не им се овозможени здравствени и еколошки услуги, живеат во шатори поставени непосредно до купиштата отпад.
Шурук Абдулал, една од раселените Палестинки, раскажува дека нејзините деца постојано страдаат од разни болести и висока температура поради ужасните услови во околината.
Абдулал вели: „Насекаде има инсекти. Понекогаш децата ќе донесат некои продукти што ги нашле во отпадот, а ние сме принудени да ги зготвиме за да преживееме.“
Таа упати барање да им се обезбедат посигурни места за престој и додаде: „Сакаме чисто место за живеење, далеку од овие депонии.“
Претседателот на Заедничкиот совет за управување со цврст отпад, Ахмед ес-Суфи, во изјавата во врска со темата нагласи дека се соочуваат со огромна криза поради трупањето на сметот по улиците и неможноста да се транспортира до главната депонија што се наоѓа во рамките на окупираната „Жолта линија“.
„Поминаа повеќе од 900 дена од почетокот на војната, а ние денес сè уште немаме пристап до главната депонија во источниот дел на Рафа. Оваа состојба значи колапс на здравствениот и еколошкиот систем. Тоа е ситуација што директно го загрозува човечкото здравје, а на долг рок претставува еколошка закана“, вели Суфи.
Тој посочи дека поради отпадот што се собира меѓу шаторите каде што престојуваат раселените лица алармантно се зголемиле популациите на глодачи и инсекти.
news_share_descriptionsubscription_contact
