Mohammad Sıo
06 Март 2024•Ажурирај: 08 Март 2024
ГАЗА (АА) - Палестинските тимови за цивилна заштита успешно спасија мачка од урнатините на куќа бомбардирана од израелските воени авиони во градот Газа, јавува Анадолу.
На видеото објавено од Агенцијата за цивилна заштита се гледа како спасувачите внимателно ги отстрануваат урнатините околу мачката заробена меѓу срушените ѕидови.
Мачката излезе неповредена од урнатините, што предизвика голема радост кај палестинските спасувачи.
Обвинет за геноцид, Израел започна смртоносна офанзива во Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври. Во израелските напади досега загинаа 30.717, а ранети се 72.156 Палестинци.
Влијанието врз локалните животни не е познато, но сигурно е дека не можеле неповредени да го избегнат масовното насилство, уништувањето и гладта.
На 26 јануари, по тужбата за геноцид поднесена од Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата одлучи дека Израел мора да се воздржи од какви било дејствија поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Појасот Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Меѓутоа, нападите и понатаму продолжуваат со несмалено темпо, а испораката на помош останува недоволна за решавање на хуманитарната катастрофа.