Emre Karaca
23 Јули 2019•Ажурирај: 28 Јули 2019
АНКАРА
Научниците предупредија дека меѓу сите производи што човекот ги измислил, догорчињата од цигари се најголемиот загадувач на животната средина, пренесува Anadolu Agency (AA).
Отсекогаш за најопасни загадувачи на природата се прогласувани пластичните кеси и сламки, а научниците од британскиот Универзитет „Англија Раскин“ објавија истражување кое како најголем загадувач на животната средина ги етикетира догорчињата од цигари.
Научниците тврдат дека повеќе од третина од собраниот смет на улиците, излетничките места и од плажите всушност, го сочинуваат догорчињата од цигари. Во природата годишно се исфрлаат близу 4,5 трилиони догорчиња.
Догорчињата содржат опасни материи кои долгорочно ја загрозуваат флората, па дури и екосистемот на дното од океаните.
Американската сенаторка од Калифорнија, Хана-Бет Џексон, на почетокот од годинава од Парламентот побара во потполност да го забрани производството и употребата на филтерот од цигари во таа сојузна американска држава.
Цигарите во светот претежно се произведуваат со филтер од целулозен ацетат, вид на пластика за чие разградување се потребни децении. Дополнителна опасност претставуваат и синтетичките влакна и стотиците хемикалии со кои е третиран тутунот, а кои по пушењето на цигарата остануваат во филтерот.