Bojana Stojanovic
19 Октомври 2018•Ажурирај: 20 Октомври 2018
БЕЛГРАД (AA) - „Голем дар за глума, исклучителна добрина, но и убавина ја красеа актерката Милена Дравиќ, а по неа остануваат нејзините филмови и серии како наследство за идните генерации што доаѓаат“ - вака од познатата актерка се простија многубројните актери, режисери и пријатели на комеморацијата во Белград, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ако сте се родиле со голем дар за глума и исклучителна убавина, вашето име е Милена Дравиќ“, рече драмскиот писател и режисер Душан Ковачевиќ, во преполниот „Звездара театар“, на сцената „Данило Бата Стојковиќ“ во Белград.
„Останува само да се гордееме што била наша, добра, искрена, драга и добар пријател“, порача актерката Сека Саблиќ.
Радослав Зеленовиќ, поранешен директор на Филмскиот центар на Србија, наведе дека сега кога се простуваат од Милена, со повеќе од 160 филмови, серии и драми „останува да се слеат во еден филм кој станува документ за една кинематографија и една земја која сè уште постои само во филмовите“.
„Тоа останува наследство за идните генерации што доаѓаат, кои можат да бидат горди на фактот дека на овие простори творела вистинска филмска дива. Драга Милена, вратите што ги отвори на почетокот на својата кариера засекогаш остануваат отворени за нашата љубов и почитување, и денес, секогаш и засекогаш. Ти благодарам, драга наша Милена“, рече Зеленовиќ.
Актерката Аница Добра раскажа дека со Милена Дравиќ долго разговарала - за филмови, текстови, и дека Дравиќ ја замолила да ги сочува нејзините фотографии со актерот и сопруг на Милена, Драган Николиќ, на кои е и Добра.
Од актерката се прости и директорот на Југословенската кинотека, Југослав Пантелиќ.
„Милена, беше чест да те познавам, привилегија да се соработува со тебе, а сега нам, во Југословенската кинотека, чест и обврска ќе ни биде чување на спомените на тебе, низ твоите проекции на филмови. Довидување до следната проекција“, рече Пантелиќ.
Актерот Војин Цветковиќ раскажа дека во текот на снимањето на филм во Пирот ја видел Милена Дравиќ како со себе носи куфери, душеци, перници, завеси, бидејќи во текот на снимањето ќе помине еден месец надвор од својот дом.
„Милена засекогаш се всели во нашите животи, ги донесе своите завеси, лустери, филмови, марами, својата добрина, своите сини очи и сè ни остави“, истакна актерот.
Во текот на комеморацијата беа пуштени инсерти од нејзините многубројни филмови и серии, меѓу кои се наоѓаат „Битката на Неретва“, „Хасанагиница“, „Сутјеска“, „Козара“, „Полицаецот од Петловиот рид“, „Буре барут“, „Госпоѓа министерка“, „Луд, збунет, нормален“ и многу други.
Испратена е со песната на Арсен Дедиќ, „Милена“, и со громогласен аплауз од колегите и пријателите.
Дравиќ почина на 14 октомври во Клиничко-болничкиот центар „Бежанијска коса“ во 79 година, а погребана е денес во 15:30 часот во Алејата на заслужни граѓани во Белград.