Mohammad Sıo
29 Јули 2024•Ажурирај: 31 Јули 2024
ГАЗА (АА) - Палестинско дете почина денес од тешка неисхранетост предизвикана од целосната блокада воведена од страна на Израел врз Појасот Газа, јавува Анадолу.
Али Анас ал Татер (6) го испушти последниот здив во Баптистичката болница Ал-Ахли во градот Газа како резултат на акутна неисхранетост влошена од продолжената израелска опсада и кризата со храна, изјавија за Анадолу локални медицински извори.
Претходно овој месец, Хатем ал-Хур, шеф на Неонаталниот оддел во медицинскиот комплекс „Насер“ во Кан Јунис, предупреди дека бројот на Палестинци кои страдаат од неисхранетост го надминува капацитетот на болниците во услови на тековната израелска војна.
На 11 јули, Светската програма за храна на Обединетите нации предупреди дека колапсот на системот за здравствена заштита и недостатокот на одржливи извори на храна ги ставаат децата во Газа на ризик.
Израел изврши голема опсада на Појасот Газа од 7 октомври 2023 година, оставајќи 2,3 милиони жители на територијата на работ од глад.
Според владината канцеларија за медиуми на Газа, хуманитарната помош не стигнала до градот Газа и северните области повеќе од два месеци.
Во јуни, Евромедитеранскиот монитор за човекови права издаде предупредување за опсежно враќање на условите на глад во подрачјето.
Не почитувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел спроведува брутални напади со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници во Појасот Газа почнувајќи од 7 октомври минатата година.
По повеќе од девет месеци израелски напади, големи делови од Газа се во урнатини.
Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени над 39.360 Палестинци, главно жени и деца, а над 90.900 се повредени.
Израел е обвинет за геноцид од Меѓународниот суд на правдата, кој му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине својата воена операција во јужниот град Рафа.