Ekipa
13 Септември 2020•Ажурирај: 14 Септември 2020
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Бројот на заразени во пандемијата на коронавирусот во Индија денес надмина 4,7 милиони, откако се регистрирани повеќе од 94.000 нови случаи, покажуваат податоците на Министерството за здравство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Индија регистрира дневно зголемување од над 90.000 заразени веќе пет дена по ред, односно 1 милион нови случаи за помалку од две недели.
Во изминатите 24 часа евидентирани се точно 94.372 нови случаи, со што бројот на лица што се заразија со вирусот достигна 4.754.356.
Со 1.114 починати во изминатото деноноќие, смртните случаи достигнаа 78.586.
Додека бројот на заразени рапидно расте, Министерството за здравство се пофали со наглото зголемување на бројот на оздравени.
„Бројот на излекувани случаи на Ковид-19 во Индија забележа остар експоненцијален раст - од 50.000 во мај на над 3.600.000 во септември. Секојдневно се регистрираат над 70.000 оздравени. Бројот на излекувани е скоро 3,8 пати поголем од активните случаи (под 1/4 од вкупните случаи)“, објави денес Министерството преку Твитер.
Серолошкото истражување објавено во едно медицинско списание проценува дека Индија имала 6,4 милиони заразени пред три месеци.
Експертите веруваат дека до крајот на септември Индија може да ги надмине САД, најтешко погодената земја од Ковид-19.
Индија во глобални рамки е рангирана на трето место по смртност од вирусот, според Универзитетот „Џонс Хопкинс“.