Yusuf Hatip
23 Мај 2020•Ажурирај: 23 Мај 2020
БРИСЕЛ (АА) - Во Белгија, во последните 24 часа потврдени се 299 случаи на коронавирусот, со што вкупниот број на заразени лица во земјата е зголемен на 56.810, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Во соопштението на Кризниот штаб на Белгија се наведува дека во земјата во изминатите 24 часа се хоспитализирани 34 лица, додека 32 се отпуштени од болница.
Бројот на пациенти на одделите за интензивна нега се намали за девет и изнесува 259.
Во последните 24 часа, вирусот е потврден кај 299 лица, со што вкупниот број на заразени е зголемен на 56.810, додека од Ковид-19 починаа 25 лица.
Со тоа, вкупниот број на смртни случаи од вирусот е зголемен на 9.237. Исто така, 48 отсто од тие лица починале во болница, а 51 отсто во старечките домови.
На почетокот на неделата започна втората фаза од враќањето во нормала на земјата. Училиштата, со строги правила, на 18 мај постепено го започнаа наставниот процес.
Музеите и зоолошките градини работат повторно, но билетите треба да се купат преку интернет. Под исти услови работат и библиотеките.
За добивање фризерски услуги потребни се резервации, а свадбите и погребите може да се организираат во присуство на најмногу 30 лица.
Отворени се и пазарите, со почитување на правилата за физичка дистанца. Спортските клубови можат да продолжат со тренинзи на отворено во присуство на најмногу 20 лица. Работата од дома продолжува каде што е возможно.
Следната фаза на ублажување на мерките ќе настапи најрано на 8 јуни.
Дополнително ќе се разгледа продолжувањето на спортските натпревари и реализацијата на туризмот во земјата.