Barış Seçkin
26 Мај 2020•Ажурирај: 26 Мај 2020
РИМ (АА) - Италијанскиот министер за надворешни работи, Луиџи ди Мајо, изјави дека работат на тоа Европската Унија (ЕУ) повторно да ги отвори за туристите своите надворешни граници, кои се затворени до 15 јуни поради пандемијата на коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во разговор за РАИ, министерот Ди Мајо рече дека 15 јуни е многу важен датум за туристичкиот сектор во цела Европа.
„Денот на ослободување за туризмот во Европа е 15 јуни. Работиме на тоа Европа повторно заеднички да делува“, рече тој.
Потсети дека и Германија го поддржува отворањето на туристичкиот сектор на 15 јуни и ги советува своите граѓани да патуваат во другите земји.
Додаде дека ќе разговара и со официјалните претставници на Австрија со кои одредено време имаа несогласување во врска со ова прашање.
„Важно е да се осигура дека европските граѓани можат безбедно да доаѓаат на одмор во Италија. За да му помогнеме на нашето угостителство и на стопанствениците, мора да го спасиме она што може да се спаси од летната сезона“, рече Ди Мајо.