АНКАРА
Глобалното ширење на пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), што за првпат се појави во Кина, предизвика земјите да се соочат со сериозни испити во насоката на преземање мерки против оваа пандемија, пишува Агенција Анадолија (АА).
Превентивните мерки започнаа со затворање на границите и прекинување на авионските летови во странство, а потоа беа преземени и други мерки како ограничувања во домашниот транспорт и воведување полициски час.
Откако се зголеми бројот на откриени случаи со Ковид-19 во земјите што беа најмногу погодени од оваа пандемија, голем товар беше поставен на рамењата на здравствените системи, а настанаа проблеми со резервите на лекови, медицинска опрема и санитарен материјал.
Мерките преземени за спречување на ширењето на овој вирус предизвикаа стагнација во секојдневниот живот и економските активности.
Исто така, направени се и чекори во насока на намалување на негативните ефекти на пандемијата врз економскиот и социјален живот.
Владите со директната помош и поддршка за вработените и работодавачите се обидоа да го олеснат товарот на оваа пандемија врз економијата и граѓаните.
Подолу се наведени некои мерки преземени од страна на властите во првите 20 земји што се најмногу погодени од оваа пандемија и каде што е регистрирана најголема бројка на откриени случаи со Ковид-19.
Еден од првите чекори што земјите ги направија откако Ковид-19 почна да се шири во светот, беше затворање на границите и прекинување на летовите во странство, а потоа беше ограничено и слободното движење внатре во земјата.
Во Турција беа затворени границите и прекинати летовите во странство. За меѓуградскиот транспорт беше потребна дозвола од гувернерството. Исто така, беше забранет влезот и излезот од 31 провинција.
Кина, Иран, Италија, Шпанија, Франција, Белгија и Португалија презедоа различни мерки, како затворање на своите граници и ограничување на слободното движење внатре во земјата. САД, Канада, Бразил, Русија, Холандија, Австрија, Швајцарија и Израел ги затворија своите граници и ги прекинаа летовите во странство, но не донесоа ограничување на патувањето внатре во земјата. Велика Британија, Ирска и Германија не донесоа ограничување на патувањата или движењето.
Исто така, преземени се мерки за намалување на колективното движење, како воведување полициски час.
Во Турција е донесено ограничување за движењето на граѓаните постари од 65 и помлади од 20 години. Во метрополитанските градови и во Зонгулдак за време на викендите беше воведен полициски час.
Во земјите кои се најмногу погодени од глобалната пандемија, исто така, беа спроведени различни практики во оваа насока. Во Италија, Шпанија, Русија и Индија беше спроведен полициски час, додека во Велика Британија, Ирска и Кина беа донесени делумни забрани и ограничувања. Во САД, Канада, Иран, Франција, Германија, Белгија, Холандија, Швајцарија, Португалија, Бразил, Австрија и Израел не беше спроведен полициски час, туку беа упатени предупредувања до граѓаните да останат дома.
Затворањето на границите, ограничувањата за патување и транспорт, како и полицискиот час предизвикаа стагнирање на секојдневниот живот и на трговските активности. Властите во овие рамки презедоа мерки за поддржување на вработените и работодавачите, со цел надминување на негативните ефекти на оваа пандемија врз економијата.
Турција донесе забрана за укинување на договорите за работа и услуги во рок од три месеци. На фирмите што беа принудени привремено да ја прекинат работата им беше платен надомест за скратено работно време.
Како Турција, исто и Шпанија, Италија, Франција, Германија и Бразил донесоа забрана за укинување на договорите на вработените. Во САД, Велика Британија, Кина, Иран, Белгија, Русија, Канада, Холандија, Швајцарија, Австрија, Португалија, Холандија, Индија, Ирска и Израел не е направен некој чекор во оваа насока.
Освен Турција и Франција, ниту една друга земја не изврши исплата на дополнителен надомест за пензионерите. Во Индија беше дадена финансиска поддршка за пензиските фондови за сиромашните лица.
Во Турција, Велика Британија и Русија пензијата на старите лица што се наоѓаат под ризик од пандемијата беше доставена до нивниот дом.
По зголемувањето на откриените случаи со Ковид-19 во земјите што се најмногу погодени од оваа пандемија, голем товар беше поставен на рамењата на здравствените системи, а настанаа проблеми со резервите на лекови, медицинска опрема и санитарен материјал.
Од почетокот на појавувањето на пандемијата, Турција не се соочи со недостиг од резерви на маски. Приватните организации, како и јавните работилници, произведоа маски, а на граѓаните им беа доделени бесплатни маски. До здравствените установи доставени се 3 милиони 615 илјади санитарни маски „N95“.
Исто така, во Турција тестирањата за Ковид-19 се вршат бесплатно, а 1 милион тестови за брза дијагностика се пуштени во употреба.
Сите здравствени системи беа мобилизирани во борбата против пандемијата. Сите приватни болници беа претворени во пандемиски болници. Во местото Санџактепе, како и на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул почна изградбата на 2 нови болници.
Здравствените работници во Турција во рок од 3 месеци добиваат највисок можен надомест.
Во поголемиот дел од земјите каде што се откриени најмногу случаи на Ковид-19, тестирањата за Ковид-19 се вршат бесплатно, освен во Бразил и Холандија, каде што се плаќа за оваа услуга, додека во Италија се плаќа за оваа услуга само ако матичниот лекар не дал упатство за вршење на овој тест.
Исто така, лекувањето на Ковид-19 се врши бесплатно во сите земји, освен во Холандија. Во САД трошоците за јавно лекување се делумно покриени, додека пациентите во Иран плаќаат само 10 отсто од трошоците.
Освен во Турција, Шпанија и Италија, во останатите земји маските не се доделуваат бесплатно.
Освен во Турција, Германија, Кина, Бразил, Швајцарија, Португалија и Израел, недостатокот на санитарни маски продолжува да биде проблем, особено во САД, земја во која се регистрирани најмногу случаи со Ковид-19 и најмногу смртни случаи како последица на овој вирус.
Во земјите постои потреба за медицинска опрема, со исклучок на Турција, Германија, Кина, Русија, Канада, Холандија, Швајцарија и Португалија. Исто така, има потреба од тестови за дијагностицирање, освен во Турција, САД, Германија, Кина, Русија, Бразил, Швајцарија и Австрија.
Бројот на кревети во болниците во САД, Шпанија, Велика Британија, Кина, Белгија и Индија е недоволен, додека во седум земји има потреба од одделение за интензивна нега и во 15 земји постои потреба за лекови.
Само пет земји покрај Турција, даваат поддршка со дополнителни финансиски средства за здравствените работници.
Земјите презедоа иницијативи за евакуирање на своите граѓани од странство.
Турција е една од првите земји што се движеа во оваа насока, враќајќи илјадници турски државјани од азиските и европските земји. Околу 25.000 турски државјани од 59 земји, коишто не успеале да дојдат во земјата поради забраната за патување, треба да пристигнат во Турција со 195 специјални летови од 20 до 28 април.
Во овој период, САД вратиле од странство 63 илјади граѓани, Шпанија 24 илјади, Италија 60 илјади, Франција 148 илјади, Германија 240 илјади, Велика Британија 7.500, Кина 1.457, Белгија 6 илјади, Бразил 13 илјади, Русија 150 илјади, Канада 5 илјади, Холандија 5 илјади, Швајцарија 2.700, Португалија 7.500, Австрија 7.500, Индија 125 илјади и Ирска 250 граѓани.
За време на пандемијата, Турција направи чекори за поддржување на меѓународната солидарност против пандемијата, испраќајќи медицински материјали до околу 30 земји, како што се Велика Британија, Италија, Шпанија и земјите од Балканот. Покрај Турција, Кина им помогна на 120 земји, САД на 42, Индија на 31, Русија на 10, Германија на 5, Швајцарија на 5 и Велика Британија, Холандија, Португалија и Израел обезбедија помош за по една земја.
За да се ограничи влијанието на пандемијата врз економијата, Турција презеде ублажувачки мерки.
Владата објави дека даноците на додадена вредност на два милиони даночни обврзници и премијата за плаќање се одложени за шест месеци.
Исплатите на заеми и каматата на компаниите кои претрпеа загуби во протокот на готовина беа одложени за три месеци, а беа овозможени и шест месеци неплаќање и финансиска поддршка на државата.
На компаниите погодени од пандемијата им беше понудена „Кредитна поддршка за продолжување на работата“ од 10 до 100 милиони лири, под услов работниците да не бидат отпуштени од работа.
Сите земји меѓу 20-те земји со најголем број случаи, освен Бразил, Швајцарија и Израел, го олеснија одложувањето на даноците за приватниот сектор. Во меѓувреме, повеќето земји префрлија средства на оштетените бизниси и дадоа кредитна и финансиска помош. Покрај Турција, за компаниите кредитна поддршка обезбедија и Шпанија, Франција, Германија, Кина, Иран, Русија, Холандија, Швајцарија и Индија.
Во периодот на пандемијата направени се чекори за помагање на лицата кои имаат потреба и за зголемување на социјалната солидарност.
Во Турција е направен план за овозможување финансиска поддршка од 1000 лири за семејствата кои имаат потреба. Дадена е финансиска поддршка од 1000 лири за 2,1 милион домаќинства кои имаат мали приходи. Пружена е рака и за дополнителни 2,3 милиони домаќинства, и е донесена одлука за поддржување на околу 4,5 милиони домаќинства кои имаат потреба.
Покрај тоа, ресурсите пренесени на фондовите за социјална помош и солидарност се зголемија на 180 милиони лири и беше решено на овие фондации да им се префрлат дополнителни фондови од 352 милиони и 880 илјади лири.
Во сите земји меѓу земјите со најголем број случаи, освен Холандија и Швајцарија, се спроведени програми за финансиска помош на сиромашните.
news_share_descriptionsubscription_contact
