Burak Bir,Handan Kazancı
26 Јануари 2020•Ажурирај: 27 Јануари 2020
ПЕКИНГ (AA) – Бројот на настраданите во Кина од епидемијата на коронавирусот се искачи на 56, објавија локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Во текот на изминатите 24 часа пријавени се 688 нови потврдени случаи, 1.309 сомнителни случаи и 15 смртни случаи од болеста. Ситуацијата со воспаление на белите дробови резултираше со вкупно 56 смртни случаи, додека 49 лица заздравеа, а 2.684 се водат како сомнителни пациенти“, објави новинската агенција „Синхуа“ повикувајќи се на Националната здравствена комисија на Кина.
Според податоците на Комисијата, вкупно се потврдени 1.975 случаи на воспаление на белите дробови предизвикано од новиот коронавирус (2019-nCoV), меѓу кои се и 324 лица што се во критична состојба.
Симптомите на мистериозниот вирус се слични на оние од воспаление на белите дробови, што предизвикува огромен страв во Кина, додека земјата се подготвува за прослава на новогодишните празници.
Комисијата соопшти и дека се пронадејни 23.431 лице што биле во близок контакт со заболените, од кои 21.556 се под медицински надзор.
„Покрај тоа, десет потврдени случаи се пријавени во Хонгконг и во Макао, посебните административни региони, и во Тајван. Поточно забележани се пет случаи на коронавирусот во Хонгконг, два во Макао и три во Тајван“, истакнува „Синхуа“.
Вирусот настана во Вахан, главниот град на провинцијата Хубеи, а досега се прошири во 29 кинески провинции во земјата. Повеќе од 10 случаи се пријавени и во Јапонија, Јужна Кореја, Тајланд, САД, Сингапур, Франција и Виетнам.