Elena Teslova
26 Декември 2020•Ажурирај: 27 Декември 2020
МОСКВА (АА) - Вкупниот број случаи на коронавирусот во Русија денес надмина три милиони, јавува Агенција Анадолија (AA).
Според податоците на Работната група за итни случаи, 29.258 лица биле позитивни на Ковид-19 при тестирањата во текот на изминатото деноноќие, со што вкупниот број е зголемен на 3,02 милиони, а бројот на активни случаи изнесува 541.299.
Во истиот период регистрирани се 28.185 оздравени пациенти, со што вкупниот број на излекувани од вирусот достигна 2,42 милиони. Починати се 567 лица, а вкупниот број на смртни случаи во Русија од почетокот на епидемијата достигна 54.266.
Ширењето на Ковид-19 во Русија нагло се зголеми од есенва, еден милион случаи се регистрирани во земјата на 1 септември, а два милиони на 19 ноември.
За да го забават ширењето, властите започнаа кампања за вакцинација со руската вакцина „Спутник V“, развиена од Центарот за истражување „Гамалеја“.
Вакцината најпрво беше одобрена за лица на возраст меѓу 18 и 60 години, а руското Министерство за здравство ја одобри употребата на вакцината за луѓето постари од 60 години откако Центарот за истражување „Гамалеја“ објави дека ги завршил испитувањата на луѓето од оваа возрасна група.
Вакцината „Спутник V“ се применува преку две инјекции и може да се комбинира со други антигени, вклучително и оние што се користат против грип.
Моментално, според вкупниот број на случаи, Русија е на четвртото место во светот, зад САД, Индија и Бразил.