Michael Gabriel Hernandez
12 Март 2020•Ажурирај: 12 Март 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) кон крајот на оваа недела ќе ги ограничат сите патувања од Европа со исклучок на Велика Британија, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, објави синоќа американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во своето обраќање до нацијата од Овалната канцеларија, Трамп изјави дека ограничувањата, што ќе стапат на сила во петок на полноќ, ќе бидат приспособени според условите на терен и ќе се направат исклучоци за државјаните на САД кои поминале низ соодветен скрининг.
„Ние направивме животоспасувачки потег со рана акција во однос на Кина. Сега мора да преземеме иста акција кон Европа. Нема да го одложуваме“, рече тој.
Според Одделот за домашна безбедност, земјите што ќе бидат засегнати се земји од Шенген-зоната, вклучувајќи ги Австрија, Белгија, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Италија, Латвија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска и Швајцарија.
„Постојаните резиденти и членовите на семејствата на државјаните на САД нема да бидат засегнати од новите ограничувања“, се вели во соопштението на Одделот.
Ограничувањата се слични на оние што Трамп ги издаде за Кина и Иран во јануари и февруари.
Оваа одлука е донесена откако Светската здравствена организација (СЗО) официјално прогласи глобална пандемија.
Кратко по изјавата на Трамп, Белата куќа соопшти дека претседателот ги откажува настаните закажани во Колорадо и Невада, поради претпазливост од коронавирусот.