Ekip
28 Јули 2020•Ажурирај: 29 Јули 2020
ЖЕНЕВА
Новиот тип на коронавирус не е сезонски, ниту се појавува во бранови, соопштија денес од Светската здравствена организација (СЗ0), јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролката на СЗО, Маргарет Харис на виртуелната прес-конференција во Женева изјави дека Ковид-19 се појавува во сите временски периоди за разлика од грипот, дури и ако многу луѓе мислат дека се работи за сезонска појава.
„Респираторните вируси во минатото имаа тенденција да се манифестираат во различни сезонски бранови. Овој вирус се однесува многу поразлично. Ова е сепак вирус за кој треба да бидеме свесни. Тој учи за нас, додека ние учиме за него“, изјави Харис.
Таа исто така нагласи дека сите луѓе треба да го дадат својот придонес за да се намали и да се спречи ширењето на вирусот.
„Но она што овој вирус посебно го сака е преминување од еден на друг кога сме во близок контакт, затоа не смееме да му дадеме таква можност“, додаде таа.
На прашањето во врска со вториот бран на вирусот, таа одговори „Ние сме во првиот бран на вирусот.“
„Тоа ќе биде еден голем бран, се искачува и се спушта. Сега е најдобро да го сузбиеме и да го претвориме во нешто што ќе ни биде под нозете. Но во овој момент, прв, втор, трет бран, тие работи навистина немаат смисла“, изјави таа.
Таа исто така нагласи дека пандемијата и понатаму е огромна и сериозна и дека поради тоа е потребно да ги почитуваме мерките и препораките на надлежните институции.
„Најголем број на заразени бележиме во САД. Тие се во самата средина на лето. Исто така го имаме Бразил, екваторијална земја“, посочи Харис.
Според податоците на Џон Хопкинс од речиси 16,5 милиони случаи на заразување со Ковид-19 ширум светот, само во САД се регистрирани повеќе од 4,29 милиони и 148.056 смртни случаи.
„Исто така има голема епидемија и во многу топлите екваторијални земји како Филипините“, изјави портпаролката на СЗО, напоменувајќи дека она што влијае на пренесувањето на вирусот се масовните собири.
„Овие се луѓе кои се собираат и луѓе кои не се придржуваат на социјалната дистанца и не се претпазливи за да бидат сигурни дека не биле во близок контакт со други луѓе“.
Таа порача дека во овој момент е најважно граѓаните да бидат свесни за мерките против Ковид-19, а тоа се, пред сѐ, социјалната дистанца, миење на раце, носење маски во затворен простор и прекривање на устата додека кашлаат.
„Исто така останете дома доколку имате некои симптоми. Пријавете се и изолирајте се доколку сте биле во контакт со некои за кои се знае дека го имаат вирусот“, изјави Харис.