Islam Uddin
02 Септември 2020•Ажурирај: 02 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Тајланд денес бележи 100 дена откако во земјата не се регистрирани нови случаи на локално пренесување на Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците на Министерството за здравство, во текот на изминатите 24 часа регистрирани се осум нови случаи на Ковид-19, од кои сите се лица кои неодамна пристигнале од прекуокеански земји.
Меѓу нив се и четири члена на семејство од САД, кои биле во карантин откако на 19 август пристигнале во земјата.
Новите случаи го зголемија вкупниот број на случаи во Тајланд на 3.425, вклучувајќи 58 смртни случаи и 3.274 оздравени лица.
Тајланд, по Тајван и Нов Зеланд, стана трета земја која веќе 100. ден по ред нема случаи на локално пренесување на вирусот.
Додека во Тајван веќе неколку месеци не се пријавени нови локални случаи на заразување, во Нов Зеланд повторно се појавија.
Тајланд во март прогласи вонредна состојба и ги затвори своите граници за странските државјани, покрај последователното влијание врз значајниот туристички сектор во земјата.
Владата започна со ублажување на одредени ограничувања во мај, откако секојдневните случаи во земјата се намалија.