Ekipa
02 Април 2022•Ажурирај: 04 Април 2022
ХЈУСТОН (АА) - Вил Смит се повлече од Академијата за филмски уметности и науки по удирањето шлаканица на Крис Рок на доделувањето на Оскарите, што се одржа минатиот викенд, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Целосно ќе ги прифатам сите последици за моето однесување“, рече Смит. „Моите постапки на 94-тото доделување на наградите Оскар беа шокантни, болни и неоправдани.“
Повлекувањето на Смит доаѓа по скоро една недела откако се качи на сцената на Оскарите и му удри шлаканица на Крис Рок затоа што се почувствувал навреден од шегата што комичарот Рок ја кажа за сопругата на Вил Смит, Џејда Пинкет Смит.
По шлаканицата, Смит му викна на Рок: „Не го изговарај името на мојата сопруга од твојата (вулгарна) уста.“
„Листата на оние што ги повредив е долга и го вклучува Крис, неговото семејство, многу мои драги пријатели и најблиски, сите присутни и публиката низ светот“, рече Смит.
„Ја изневерив довербата на Академијата. Им ја одзедов можноста да прослават на другите номинирани и на победниците за нивната извонредна работа. Срцето ми е скршено. Сакам да го вратам фокусот на оние што го заслужија вниманието за нивните достигнувања и да ѝ дозволам на Академијата да се врати на неверојатната работа што ја прави за поддршка на креативноста и уметноста во филмот.“
Одборот на Академијата одржа итен состанок неделава за започнување формален процес на ревизија, во кој Смит можеше да се соочи со потенцијално суспендирање или исклучување од Академијата.
И покрај повлекувањето на Смит, Академијата сепак може да реши да му го врати Оскарот на Смит за најдобар актер што го доби за улогата во Крал Ричард.
Но, тоа е малку веројатно и никогаш не се случило во вакви случаи.
Одборот на Академијата повторно ќе се состане на 15 април за да ги утврди дополнителните последици како дел од процесот на ревизија.
Смит на крајот од својата изјава истакна дека „ќе ги прифати сите понатамошни последици што Одборот ги смета за соодветни“.
„За промена е потребно време, јас сум посветен кон тоа дека никогаш повеќе нема да дозволам насилството да го надвладее разумот.“