Admir Fazlagic
08 Јуни 2022•Ажурирано: 09 Јуни 2022
СКОПЈЕ (АА) - Во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје е отворена Изложба на стрипови насловена „Цртање приказни“, која прикажува стрипови од седум автори од Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
На изложбата која е отворена вчера, посетителите имаат можност да видат стрипови од автори од повеќе генерации, со особен фокус на нивните стрип-дела работени по мотивите на современи македонски писатели, или во комплетно авторство.
Во рамките на изложбата се претставуваат дела од Иванка Апостолова, Гаја Смилевска, Матеј Богдановски, Вук Митевски, Иван Ивановски и Ѓорѓе Јовановиќ.
„Набљудувајќи го стрипот не само како визуелен, туку и како општествен факт, преку оваа изложба настојуваме да го прошириме погледот на можните начини на презентирање и промовирање на стриповите, притоа отворајќи простор за дискусија за продукцијата, пред сѐ на некомерцијалните, авторски стрипови“, пишува во промотивниот каталог за изложбата, чиј издавач е МКЦ.
Во текстот се наведува дека токму авторскиот стрип се позиционира како составен дел на визуелната култура и воопшто на културната продукција, па затоа „треба да продолжи да се афирмира и да се подига неговата свест не само за уметничките, туку и за комуникациските и едукативните потенцијали“.
Изложбата ќе биде отворена до 16 јуни.