Dzihat Aliju
15 Мај 2018•Ажурирај: 16 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Институтот „Јунус Емре" во Скопје денес се одржа церемонија за доделување сертификати за 20 курсисти кои го завршија курсoт по османлиски јазик, организиран од страна на овoj институт, јавува Anadolu Agency (AA).
Церемонијата се одржа во центарот на Институтот „Јунус Емре" во Скопје, каде што курсистите ги добија своите дипломи.
Директорот на Институтот „Јунус Емре" во Скопје, Шемсетин Шекер, во изјава за медиумите, истакна дека односите меѓу Македонија и Турција имаат вековно заедничко минато, и дека со цел добро да се разбере овој период, треба многу добро да се знае и разбере периодот на османлиско-турскиот јазик.
Шекер рече дека организираат курс по османлиски јазик во Скопје и во Штип, и дека мисли оти овие курсеви ќе овозможат истражување на јазикот, културата, уметноста и историјата на двете земји.
„Се надевам дека овие курсеви ќе бидат инструмент за развивање и збогатување на односите меѓу Македонија и Турција“, додаде тој.
Информирајќи дека курсевите по османлиски јазик се одржуваат од ноември минатата година, во кои учествувале по 30 лица од Скопје и од Штип, Шекер нагласи дека добивале барања и од Државниот архив на Македонија, Националната библиотека на Македонија и од Институтот за национална историја на Македонија за одржување курсеви по османлиски јазик.
Д-р Мехмет Гедизли, професор по османлиски јазик, а воедно и професор на Туркологија во Тетовскиот државен универзитет, истакна дека османлискиот јазик е еден значаен инструмент во насока на разбирањето на историските периоди во овој регион.
Гедизли нагласи дека во архивите во Македонија и во земјите на Балканот постојат документи на османлиски јазик.
„Жителите во регионот се заинтересирани за тоа. Се интересираат додека ја истражуваат својата историја, култура, уметност и минато. Особено младите ни упатуваат вакви барања, а ние се обидуваме да им одговориме. Поминавме многу убав и плоден период“, додаде Гедизли.
Севим Пурелку, учесничка во курсот по османлиски јазик, истакна дека е студентка по историја, дека постојат голем број документи на османлиски јазик, и затоа учествувала на овој курс.
Никола Ќириќ, исто така, учесник на курсот, нагласи дека е студент на Магистерски студии во Институтот за национална историја во Скопје, дека во иднина планира да се занимава со истражување на османлискиот период и дека поради тоа ја искористил оваа можност.