Ekipa
10 Декември 2017•Ажурирај: 10 Декември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Истанбул се одржува митинг против одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп, за признавање на Кудс како главен град на Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
Митингот го поддржаа голем број невладини организации, меѓу кои и хуманитарната организација ИХХ, а организатор е партијата Садет.
Многу граѓани држејќи знамиња на Турција и на Палестината извикуваа слогани за поддршка на Газа и Палестина.
На митингот зборуваше и амбасадорот на Палестина во Анкара, Фаед Мустафа, кој изјави дека не може да има мир без независна палестинска држава.
„Не може да има независна палестинска држава без главен град да ѝ биде Кудс. Трамп, со овој чекор ќе подготвиш подлога палестинскиот народ да биде подложен на поголемо насилство“, изјави Мустафа.
Тој додаде дека палестинскиот народ се гордее со солидарноста и постапките на Турција.
„Кудс никако не е главен град на Израел“, порача Мустафа кој додаде дека целиот свет е запознаен со ситуацијата којашто се случува.
Според него, одлуката на Трамп дава храброст само на екстремистите.
Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна донесе одлука за признавање на Ерусалим како главен град на Израел, што предизвика остри реакции ширум светот.
Трамп исто така изјави дека веќе наредил амбасадата на САД да се премести од Тел Авив во Кудс.
Ваквите потези на американскиот претседател покренаа низа демонстрации од Индонезија до Канада.
Организиран е и состанок на министрите за надворешни работи на Арапската лига, а Либан го повика арапскиот свет на воведување ембарго кон САД.