Admir Fazlagic
21 Март 2017•Ажурирај: 21 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Граѓани поттикнати од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ со возила ја блокираа раскрсницата пред ЕУ-Инфо центарот, во знак на протест за доаѓањето на еврокомесарот Јоханес Хан, кој одби средба со организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, јавува Anadolu Agency (AA).
Тие со пароли и со македонски знамиња побараа да се слушне нивниот глас и еврокомесарот Хан да оствари средба со организаторите. Од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои протестираат од 27. февруари оваа година против платформата на албанските политички партии во Македонија, вчера најавија дека ќе организираат масовни протести во пресрет на доаѓањето на еврокомесарот Хан, кој одби средба со нив наведувајќи дека нема доволно време да се состане со претставниците на граѓанското општество.
Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, денеска допатува во официјална посета во Скопје заедно со тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, каде што ќе се состанат со лидерите на политичките партии кои имаат обезбедено пратенички места во Собранието на Македонија, со цел да направат уште еден обид за излез од политичката криза.