Mustafa Keleş
20 Февруари 2017•Ажурирај: 20 Февруари 2017
ЊУЈОРК (АА) - Во согласност со предизборните ветувања на претседателот на САД, Доналд Трамп, подготвен е нацрт-план со кој ќе биде забрзана постапката за „брза депортација“, со што поголем број мигранти без документи ќе бидат опфатени со оваа мерка, јавува Anadolu Agency (AA).
Весникот „Мекклетчи“ (McClatchy) објави два интерни дописа што на службениците од Министерството за внатрешни работи на САД им ги испрати ресорниот министер Џон Кели, а во дописите се најавува интензивно и масовно спроведување на „брза депортација“.
Брзата депортација досега во САД се применувала за мигрантите што американската полиција ќе ги фати во рок од 14 дена од денот на влегувањето во земјата и не подалеку од 100 милји оддалеченост од границата.
Тие мигранти експресно се депортирани од САД без да се чека судски процес.
Новиот план на администрацијата на Трамп е рокот од 14 дена да се зголеми на две години, и да се укине одредницата за локацијата на фаќање на непријавените мигранти.
Таквата мерка ќе значи дека илјадници имигранти ќе бидат експресно депортирани од САД, без класични судски процедури.
Во другиот интерен допис потпишан од страна на министерот Кели, се вели дека ќе биде започната кривична постапка против семејствата чие малолетно дете илегално влегло во САД, а по него дошле и родителите.
Во изминатите три години, во САД илегално влегле 155.000 малолетни мигранти, а 60 проценти од нив по стекнувањето на правниот статус во САД ги довеле и родителите. Таквите семејства наскоро може да се соочат со кривична истрага.
Претходната администрацијата на американскиот претседател Барак Обама ја забрани депортацијата на малолетни мигранти од земјата, а министерот Кели планира да ја укине и таа забрана.
Внатрешните дописи што ги потпиша Кели сѐ уште не добиле одобрение од Белата куќа, но според политичките насоки на Трамп кога станува збор за миграцијата, тоа би можело да се случи наскоро.