Aynur Ekiz
14 Јануари 2019•Ажурирај: 15 Јануари 2019
АНКАРА (АА) - Шефот за комуникација при турското Претседателство, Фахретин Алтун, истакна дека Република Турција е заштитник, а не непријател на Курдите, додека, според него, тероризмот треба да се искорени од својот извор, а Турција го прави токму тоа во Сирија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Алтун преку објава на Твитер реагираше против објавата на претседателот на САД, Доналд Трамп, во врска со Сирија.
„Република Турција е заштитник, а не непријател на Курдите. Турција нема ниту еден проблем со Курдите. Нашето прашање е со терористичката организација ПКК и со нејзините ограноци во Сирија“, напиша Алтун, додавајќи дека ПЈГ и ЈПГ се терористички организации, и дека Турција со решителност ќе ја продолжи својата борба против тероризмот.
Алтун во својата објава го цитираше говорот од 26 јуни 2015 година на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој рече: „Која било да е цената, никогаш нема да дозволме да се формира една држава во северниот дел на Сирија и јужниот дел на Турција.“
„Нашата национална безбедност за нас е суштинска и е суштински елемент кој ја определува нашата борба против тероризмот. За нас нема разлика дали изворот на тероризмот е идеолошки, верски или етнички. Тероризмот е тероризам, и тој треба да се искорени од својот извор. Турција го прави токму тоа во Сирија“, нагласи Алтун.