Bayram Altuğ
26 Септември 2017•Ажурирај: 27 Септември 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Портпаролот на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), Џоел Милман, соопшти дека од 25 август досега, бројот на араканските муслимани кои бегајќи од насилните случувања во Мјанмар, пристигнаа во Бангладеш, достигна 480.000, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот Милман за АА изјави дека во камповите подигнати во близината на градот Кокс Базар и во центрите за привремено сместување има 480.000 аракански муслимани.
Портпаролот на Фондот на Обединетите нации за помош на децата (УНИЦЕФ), Кристоф Булирак, денеска изјави дека бројот на мигрантите во камповите во Кокс Базар изнесува 436.000 лица.
Се претпоставува дека причина за моменталното зголемување на бројот на бегалците е задоцнетото регистрирање на десетиците илјади мигранти кои во последниве денови пристигнаа во камповите.
Под изговор за борба против вооружените милитанти, војската на Мјанмар спроведува напади врз цивилното население во Аракан, во коишто од 25 август досега, животот го загубија илјадници аракански муслимани.
Не може со точност да се одреди бројот на убиените, бидејќи Владата на Мјанмар не им дозволува влез на претставниците на меѓународните организации во земјата.
Во нападите од страна на војската и будистичките милитанти, запалени се и сосема уништени најмалку 200 села. Десетици илјади аракански муслимани, стравувајќи за своите животи, сакаат да го напуштат подрачјето на судирите. Цивилите, бегајќи од Мјанмар, заминуваат во шумските подрачја, од каде што преку реката Наф или по морски пат, се обидуваат да стигнат во Бангладеш.