Ekipa
12 Декември 2018•Ажурирај: 13 Декември 2018
ЛОНДОН (АА) - Пратениците на Конзервативната партија покренаа гласање за недоверба на Тереза Меј, по изгубената доверба дека премиерката ќе го реализира процесот за Брегзит, јавува Anadolu Agency (AA).
Покренувањето на гласањето за недоверба го турна процесот за Брегзит во уште поголем метеж, бидејќи Сер Греам Брејди, претседател на Комитетот 1922, доби најмалку 48 писма потребни за свикувањето гласање за недоверба.
„Прагот од 15 отсто на парламентарната партија која бара гласање за недоверба на лидерот на Конзервативната партија е надминат“, се вели во денешното соопштение на Комитетот.
Се додава дека гласањето ќе се одржи денес од 18:00 до 20:00 часот по локално време.
Комитетот истакнува и дека гласовите ќе се бројат веднаш по гласањето, а резултатите ќе се соопштат вечерва.
Со цел да ја зачува својата позиција за уште 12 месеци, на Меј ќе ѝ треба поддршка од најмалку 158 пратеници на Конзервативната партија.
Досега, над 20 пратеници јавно изјавија дека доставиле писма за свикување на гласање за недоверба на премиерката Меј. Сепак, вистинскиот број на поднесени писма е познат само на Греам.
Во потегот што ја шокираше земјата, Меј го одложи значајното вчерашно гласање за нејзиниот договор за повлекување од ЕУ, откако на крајот призна дека тој договор нема да успее да собере доволен број гласови.
ЕУ континуирано соопштува дека нема да го преиспита договорот и дека нема да смени каков било дел од него.