Ahmet Gürhan Kartal
31 Јануари 2020•Ажурирај: 01 Февруари 2020
ЛОНДОН (АА) - Велика Британија вечерва ќе ја напушти Европската Унија како прва членка што некогаш го напуштила тој блок, а веќе утре започнува 11-месечниот транзициски период за време на кој Владата на таа земја ќе преговара со раководството на Унијата за идните односи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Еден час пред формалниот излез од ЕУ, британскиот премиер, Борис Џонсон, ќе се обрати на нацијата од Сандерленд, каде што денес ќе биде одржана посебна тематска седница на Владата. Сандерленд е избран за своевиден домаќин на Брегзит, бидејќи тоа е првиот град кој на референдумот во 2016 година ја изгласа историската одлука.
Од Кабинетот на Џонсон утринава е објавен дел од говорот што вечерва ќе го одржи, а меѓу останатото, ќе порача дека е момент за вистинска обнова и промени.
„Брегзит нуди историска можност, а на нас е сега да ги искористиме сите потенцијали на оваа земја и да го подигнеме на повисоко ниво целото Обединето Кралство. Задача на Владата и моја е да ја обединиме оваа земја и да ја однесеме напред“, е една од пораките на говорот на Џонсон, чии делови Владата утринава ги објави.
Џонсон, исто така, ќе порача дека Брегзит не претставува крај, туку почеток.
„Овој час е зора на новата ера и подигнување на платно за новиот чин“, порача Џонсон.
Британскиот премиер посебно ќе ја истакне важноста за јакнење на единството во Обединетото Кралство и важноста на борбата против социјалната нееднаквост.
Велика Британија вечерва престанува да биде членка на Европската Унија, па британските политичари повеќе нема да бидат во органите на Унијата. Меѓутоа, до крајот на транзитниот период, односно до крајот на тековната година сите трговски и други односи остануваат непроменети и ќе бидат предмет на преговори меѓу Лондон и Брисел.
Отстапувањето од ЕУ, по речиси четири децении, на улиците низ Британија ќе го прослават поддржувачите на Брегзит, а од Европската Унија претходно предупредија дека преговорите за идните односи ќе бидат тешки.