Özcan Yıldırım
17 Април 2017•Ажурирај: 17 Април 2017
АНКАРА (AA) – Претседателот на Врховната изборна комисија на Република Турција (ЈСК) Сади Ѓувен изјави дека во текот на денешниот референдум не се забележани посериозни нерегуларности и инциденти кои би можеле да влијаат на конечниот исход од референдумот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Отворени сме за сите жалби и примедби а земајќи во предвид разгледување на тие тужби, очекуваме официјалните резултати од референдумот да ги објавиме најдоцна за десет или единаесет дена",рече челникот на ЈСК Ѓувен.
Ѓувен соопшти дека до 23 часот по локално време се изброени вкупно 56.147.506 гласови, а дека очекува и пребројување на преостанатите 594.076 гласачки ливчиња.
„Разликата е толка да можеме да кажеме дека победи референдумското 'да' ", заклучи Ѓувен.
Тој се осврна и на некои обвинувања на опозиција која тврди дека имало нерегуларности во врска со печатите на ковертите во кои биле гласачките ливчиња и рече дека ЈСК е отворена за жалби, но дека денеска оваа институција јасно кажала дека евентуалните пропусти на одредени членови или претседатели на изборни места не можат да бидат пречка на граѓаните во остварувањето на уставното право на гласање.
Додаде дека се работи за технички детали кои не влијаат на конечните резултати од референдумот.
Според прелиминарните резултати од преброените 99,33 отсто гласачки ливчиња на референдумот, уставната промена во Турција ја поддржале 51,36 отсто од гласачите, додека 48,64 отсто од нив се изјасниле против.