Ivana Ramadanova
20 Септември 2016•Ажурирај: 21 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во Министерството за надворешни работи (МНР) денеска се одржа Меѓународна конференција за мигрантите на тема: „Европските вредности и безбедносните ризици за справување со мигрантската и бегалска криза – перспективата на граѓанското општество“, јавува Anadolu Agency (AA).
На конференцијата се обрати амбасадорот Абдулкадар Мемеди, директор на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика – МНР, кој потенцираше дека Македонија многупати досега беше пофалена дека успешно се справила со миграциската криза, додавајќи дека голем удел во тоа има и граѓанското општество во Македонија.

„Македонија досега беше многупати пофалена дека успешно се соочи со оваа бегалска криза, а со тоа, таа ги покажа своите европски вредности. Ние како држава покажавме дека можеме да работиме соработувајќи со нашите соседи и однесувајќи се како вистинска земја-членка на Европската Унија. Полициските служби на нашата земја исто така соработуваат со нивните полициски служби, а државните механизми дејствуваа согласно европските вредности. Уште една важна причина поради која се одржува оваа конференција е тоа што миграциската криза сѐ уште не е завршена. Слушаме најави од голем број меѓународни и европски експерти дека мигрантската криза ќе има уште еден голем бран, и тоа следната пролет или лето. Затоа се поставува прашањето какви поуки сме извлекле од минатото за да можеме подобро да постапуваме во иднина доколку се случи таков миграциски прилив“, истакна амбасадорот Мемеди.
Според професорката Милева Ѓуровска, претседател на Европското движење, Македонија не се соочува првпат со ваков вид бегалска криза, потсетувајќи на бегалците од Косово, Србија и од БиХ.
На денешната конференција беше истакнато и дека Турција, како една од земјите што најмногу се погодени од мигрантската криза, се справува многу поуспешно и подобро од земјите-членки во Европската Унија. Како главен проблем со кој Турција ќе се соочи во наредниов период, беше истакнато образованието, бидејќи како што беше потенцирано, поголемиот дел од бегалците во Турција се претежно млади.
Италијанскиот претставник од Секретаријатот ЦЕИ во Трст, Уго Поли, истакна дека кризата со којашто се соочуваме, пред да стане миграциска криза е криза на владеењето и на управувањето, за која се виновни земјите-членки на Европската Унија и нејзините партнери коишто веројано не се способни да се справат со неа.

„Кризата на доверба значи дека факторот на поврзаност меѓу безбедноста и спроведувањето на човековите права се меѓусебно зависни и во ова недостигаат ефективни следни чекори и мерки коишто ќе ги унапредат постојните решенија и регулативи со кои се одредува правната рамка за справување со ова прашање", истакна Поли.
На денешната конференција учествуваа и претставници од националните совети на европските движења и од организациите на граѓанското општество од 17-те земји-членки на ЦЕИ и од Германија, Грција и Турција, трите земји што најмногу погодени од мигрантската криза.
Конференцијата е реализирана во партнерска соработка на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при МНР, Европското движење на Република Македонија и Фондацијата „Конрад Аденауер“, поддржани и кофинансирани од фондот за соработка на Централно европската иницијатива (ЦЕИ).