Besar Ademi
05 Октомври 2016•Ажурирај: 06 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во касарната „Илинден“, во Скопје, во присуство на министрите за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, на Словенија, Андреја Катиќ, на Босна и Херцеговина (БиХ) Марина Пендеш и на Србија, Зоран Ѓорѓевиќ, со свечена церемонија беше отворенo постојаното седиште на „Балканските медицински наменски сили“, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на овој проект е да се подобри медицинскиот капацитет за работа во рамките на регионалната мултинационална единица, зајакнување на стандардизираните воени медицински капацитети и заедничките операции на високо ниво со ОН, НАТО и ЕУ.
По отворањето на седиштето, министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, на заедничката прес-конференција рече дека отворањето на вакво седиште во Скопје има посебно значење за регионот и за алијансата на НАТО.
„Оваа иницијатива има за цел да создаде медицински воени капацитети кои ќе дадат брз одговор во кризни ситуации од природни катастрофи, како што видовме во изминатите години во Македонија, Србија и во Босна и Херцеговина. Со отворањето на штабот во Скопје, ние влеговме во историјата“, рече Јолевски.
Од друга страна, пак, министерот за одбрана на Србија, Зоран Ѓорѓевиќ, рече дека во овој период сите земји од регионот се соочуваат со слични предизвици и дека иницијативата во регионот ќе игра важна улога во справувањето со нив.
„Уверен сум дека оваа иницијатива ќе остане важен фактор за регионот. Доколку се согласуваме, заедно можеме да постигнеме повеќе цели. Оваа организација е чекор напред за да ги стигнеме нашите цели“, рече тој.
Во меѓувреме, министерката за одбрана на БиХ, Марина Пендеш, истакна дека иницијативата којашто ги вклучува министерствата на шест земји од регионот е основа за начинот како треба да се работи во иднина.
„Бевме сведоци на неколку природни катастрофи кои често го погодуваат не само овој дел од светот, туку целиот свет.Мислам дека оној кој дојде до оваа идеја за организирање на овие медицински сили, навистина направи добар чекор, бидејќи ова навистина ни е потребно“, рече Пендеш.
Од друга страна, министерката за одбрана на Словенија, Андреја Катиќ рече: „Добро е што речиси сите земји од Западен Балкан ќе соработуваат на заеднички проект. Добро е што овој проект на некој начин е воен проект, додека од другата страна е хуманитарен проект кој ќе им помогне на луѓето кои имаат потреба“.
Инаку, проектот „Балкански медицински наменски сили“ е инициран од страна на Кралството Норвешка и САД, додека земјите кои се вклучени се Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора и Албанија.
Амбасадорот на Норвешка во Македонија, Арне Бјорнстад и претставникот од американскиот Секретаријат за заштита, Кевин Хил, кои беа присутни на отворањето на седиштето, истакнаа дека во актуелниот период, соработката меѓу балканските земји е многу важна. Според нив, оваа иницијатива не е само медицинска наменска сила, туку тоа е исто така еден вид хуманитарна помош што ќе му помогне и на населението.