БЕЛГРАД (AA) - Претседателот на Владата на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека владата ќе ги поништи правните последици од Законот за Трепча, усвоен во Собранието на Косово, според кој Владата на Косово има 80 отсто сопственост во тој рударско-металуршки комбинат, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод предлогот на директорот на владината Канцеларија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, тој Закон да се прогласи за неважечки и за тоа да се расправа во Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), Вучиќ рече дека во најголема мера го прифатил тој предлог.
„Ние денес донесовме одлука за поништување на сите правни последици на актите и работите на привремените институции во Приштина, а кои се однесуваат на фактичкиот и правниот аспект на комбинатот Трепча“, рече Вучиќ на прес-конференцијата во Белград.
Тој рече дека не го прифатил предлогот за тоа да се расправа во Советот за безбедност на ОН, бидејќи не знае што би добила Србија со тоа.
„... Освен што сите останати ќе ги свртиме против себе. Оставете да се обидеме да разговараме, да се обидеме да ги вратиме работите во нормала“, додаде Вучиќ.
Премиерот на Србија наведе и дека таквата одлука е донесена бидејќи владата сака Трепча да продолжи да работи, затоа што тој комбинат е од „витално значење за опстанокот на северот на Косово и Метохија“.
Вучиќ рече и дека не знае поради што Албанците го усвоиле Законот за Трепча и што мислат дека добиле со тоа.
„Не можам да разберам зошто Албанците го направиле тоа, а ниту оние што допуштиле или наредиле тоа да го направат. Нема никаква смисла. Тие го контролираат јужниот дел на Митровица уште од 1999 година, во потполност, дури и пред формалното прогласување на таканаречената независна држава Косово“, рече Вучиќ.
Според неговите зборови, во Трепча постојат два рудника, од коишто поголемиот дел е на територијата на централна Србија, а во нив резервите се околу четири милиони тони.
„Не е сосема вистинито она што го рече Ѓуриќ, дека има 51 милион тони олово и цинк. Прашањето и дали има и кој тоа го проценувал, бидејќи не проценуваме со години“, додаде тој.
Во врска со Договорот за телекомуникации, Вучиќ рече дека разговорите во Брисел ќе бидат продолжени, бидејќи потписот на Владата на Србија е свето писмо.
„Србија мора да продолжи да разговара со Европа и да го продолжи својот европски пат. Ние сме подготвени на компромиси, треба некој друг да каже дали е подготвен за компромиси, а не да се удираме в гради“, рече Вучиќ.
Собранието на Косово во петокот, на седми октомври го усвои Законот за Трепча, според кој 80 отсто од сопственоста ѝ припаѓа на косовската Влада, по што претставниците на Србите во Собранието и Владата на Косово одлучија да ги замрзнат своите функции.
news_share_descriptionsubscription_contact
