Enes Kaplan
18 Октомври 2016•Ажурирај: 19 Октомври 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, на отворањето на новата академска 2016-2017 година зборуваше во Културниот и конгресен центар во Бештепе, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој на церемонијата одржа говор во кој на присутните им го честиташе започнувањето на новата академска година.
„До нас доаѓаат информации дека постојат универзитети на коишто одредени групи што се заедно со терористичките групи прават притисоци врз студентите со други гледишта. Нема да дозволиме да се врши притисок врз правото на образование на младите и оневозможување на академската независност на младите во нивното школување. Се надевам дека во периодот што следува ќе ги направиме потребните чекори и ќе ги разрешиме проблемите. На тоа поле, многу голема одговорност имаат универзитетите, професорите и младите кои се гаранција за нашата иднина“.
- „Во Мосул ќе бидеме и на преговарачката масата и на полето“ -
За состојбата во Сирија и во Ирак, претседателот Ердоган истакна:
„Гледајќи ги настаните во Сирија и во Ирак, новите генерации треба многу добро да го знаат следното. Дали знаете што е Мисак-и Милли (Misak-ı Milli)? Доколку тоа го разберете, тогаш ќе ви биде јасна нашата одговорност кон Сирија и кон Ирак“. (Одлука што последниот османлиски Парламент во 1920 година ја донесува за безбедноста и развојот на земјата во иднина, според усвоената политика на конгресите во Ерзурум и во Сивас за единството на турската нација и територијалниот интегритет на земјата.)
„Доколку денеска велиме дека ние имаме одговорност за Мосул, тогаш ќе бидеме присутни и на преговарачката маса и на бојното поле, тогаш за тоа има некоја причина. Тоа не го велиме тукутака, ниту пак за да се истакнеме пред пријателите. Ќе изминеш пат долг десетици илјади километри, тоа е твое право. Зошто – бидејќи Багдад те повикал. Во ред, но што се случува со постојаната закана врз нашата граница во должина од 350 километри. Тука постои наша историска одговорност, и ние ќе бидеме тука. И на полето, и на преговарачката маса“, рече претседателот Ердоган.
- „Нам ни е доволно никој да нема претензии кон нашата територија“ -
Претседателот на Турција, Ердоган, за обвинувањата околу загрозувањето на територијалниот интегритет на соседните земји рече: „Ние немаме никакви претензии, ниту кон територијата на Сирија, ниту пак кон Ирак. Нам ни се доволни овие 780.000 квадратни километри. Нам ни е доволно никој да нема претензии кон нашата територија“.
Тој понатаму додаде дека Турција не сака да учествува во секташките судири во Ирак.
„Ние во никој случај не сакаме да бидеме учесници во секташките судири што се случуваат во Ирак, но не сакаме ниту нашите арапски браќа сунити и нашите браќа Туркмени да бидат нечии жртви“.
- „Почна да се распаѓа основата на обожавањето“ -
Во врска со структурата на ФЕТО, претседателот Ердоган го кажа следното:
„Се сомневам во разумот и разбирањето на секој што за ПКК ќе рече дека тоа е организација што ги заштитува правата на курдските браќа. За сите што за ФЕТО ќе речат дека тоа е ‘самоформирано движење од страна на група луѓе’, за нив нема да се посомневам само во разбирањето на нештата, туку и во нивните намери. Добронамерно велев: ‘Организација чија основа е верското обожавање, средината ѝ е трговијата, а врвот е предавството’, но нивната база на обожавање се распаѓа. Ниту тоа повеќе не го велам. Зошто? Се извинувам, но по толку изложени факти, не ми е јасно како може да не се бара одговорност. Кој и да го гледа ДЕАШ како производ на сопствената динамика, тогаш тој или ништо не знае, или има други намери“.