Mümin Altaş
10 Декември 2017•Ажурирај: 11 Декември 2017
СИВАС (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес изјави дека одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за признавање на Кудс како главен град на Израел, за Турција нема никаква вредност и дека таа за неговата земја е неважечка, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган престојуваше во турскиот град Сивас каде се обрати на насобраните граѓани и се осврна на актуелните случувања. Во фокусот на Ердоган беше одлуката на САД за признавање на Кудс како главен град на Израел.
„Изјавата на Трамп за нас е секако неважечка. Тоа нема никаква вредност. На нас не ни претставува ништо тоа што вие го признавте Кудс како главен град и тоа што таму ќе ја преместите вашата амбасада. Тоа за нас е неважечко“, порача Ердоган.
Тој нагласи дека Кудс нема да биде препуштен на милост и немилост на земја која е убиец на децата.
„Кудс е светлост на нашите очи. Кудс нема да го препуштиме на милост и немилост на земја која е убиец на деца. Кудс нема да го препуштиме на совеста на државата која нема никаква вредност и ништо освен окупирање и грабеж на Кудс. Ќе ја продолжиме нашата одлучна борба во согласност со правото и демократијата“, изјави Ердоган и додаде:
„Во земјите кои наводно се колевки на напредната демократија, за жал несовесно се газат и убиваат темелните права и слободата. Од нас очекуваат на сето тоа да молчиме, да се повлечеме во ќош, да ја наведнеме главата пред неправдата, да го прифатиме нивниот тирански поредок кој го изградија на детската крв и да ги газиме нашите вредности. Браќа, муслимани, а особено муслиманот Турчин е храбар човек, тоа нека се знае“.
Турскиот претседател исто така порача дека Палестина од 1947 година била вечно под окупација.
„Израел е окупаторска држава, Израел е терористичка држава. Трамп, ние нема да ја направиме грешката која ти ја направи!“, изјави Ердоган.
Тој се осврна и на вонредниот самит на ОИС во Истанбул наредната недела.
„На вонредниот самит во Истанбул ќе бидат лидерите на земјите од исламскиот свет, претседателите на Влади и други претставници. Со мапата на нашиот пат кој тука ќе го одредиме, ќе покажеме дека нема да биде ни малку едноставно спроведувањето на оваа одлука (одлуката на Трамп за Кудс)“, порача турскиот претседател Ердоган.
Како претседател на Организацијата за исламска соработка (ОИК), турскиот претседател Ердоган за 13 декември свика вонреден самит на лидерите на организациите во Истанбул на кој ќе се разговара за заедничкиот став на исламскиот свет во врска со потегот на Трамп за Кудс.