ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган во денешното обраќање рече дека „Отсега, ниту една земја на светот, ниту една област не е, ниту ќе биде сигурно засолниште за ФЕТО и за неговите милитанти“, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот претседател Ердоган одржа прес-конференција на аеродромот „Ататурк“, пред да замине за САД. На прес-конференцијата тој соопшти дека тргнува за Њујорк за да учествува на 71. Генерално собрание на Обединетите нации (ОН).
Претседателот Ердоган рече дека очекува на Генералното собрание учество да земат сите земји-членки на ОН, и додаде дека на состанокот ќе бидат остварени средби со претседатели, премиери или заменици и министри за надворешни работи од поголем дел од земјите-учеснички.
Делегацијата на турскиот претседател ја сочинуваат заменик-премиерот Вејси Кајнак, министерот за правда Бекир Боздаг, министерката за семејство и социјална политика, Фатма Бетул Сајан Каја, министерот за ЕУ и главен преговарач, Омер Челик, министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, министерот за економија Михат Зејбекчи, министерот за енергетика и природни ресурси, Берат Албајрак, и група пратеници.
Во рамките на програмата, за своето обраќање на Генералното собрание на ОН, на 20 септември, турскиот претседател Ердоган рече: „Во моето обраќање, истакнувајќи ја активната улога што Турција ја има во Обединетите нации, првенствено ќе зборувам за тероризмот, кризите во Сирија и Ирак, бегалската криза и се разбира, за обидот за државен удар на 15 јули, кој стана наша национална борба за демократија, како и за ставот на турскиот народ наспроти пучот, кој сакам да го претставам како став на целиот свет. Тоа ќе го споделам на Генералното собрание, а доколку е потребно, и на двојните средби“.
Истакнувајќи дека овие средби се одржуваат во време што е многу чувствително за Турција, Ердоган го рече следното:
„Додека Турција од една страна ги превива раните од обидот за државен удар, од друга страна интензивно учествува во борбата против терористичките организации во операцијата „Штитот на Еуфрат“, заедно со сириските сили. Водиме успешни операции во рамките на нашите граници против криминалните мрежи, како што се ФЕТО, ДАЕШ и ПКК, и нивните ограноци. Се разбира, не можеме да не ги споменеме и ПЈД и ЈПГ. Иако станува збор за територијата на Сирија и Ирак, тие се на исто ниво со ПКК, и не е можно да ги заобиколиме“.
„Се надевам дека нашата борба против тероризмот и терористичките организации ќе продолжи добивајќи нови димензии. Херојскиот отпор на нашиот народ, наспроти предавството што се случи на 15 јули, при обидот за државен удар, уште еднаш беше причина погледите повторно да се свртат кон Турција. Моето обраќање на Генералното собрание ќе биде можност на најдобар начин да се објасни пред целиот свет и за обидот за државен удар на 15 јули, и за ФЕТО, кој ја пролеа крвта на нашите 241 херојски загинати граѓани. Ние на секоја платформа ќе продолжиме да ги предупредуваме нашите пријатели за да го разоткриеме мрачното лице на ФЕТО и на нејзиниот лидер, и да ги предупредиме нашите пријатели за заканата од оваа терористичка организација, како за Турција, така и за останатите земји. Ќе продолжиме со нашите обиди да навлеземе во организацијата од сите страни. Ова сакам да го кажам отворено и јасно: отсега ниту една земја на светот, ниту една област не е, ниту ќе биде сигурно засолниште за ФЕТО и за неговите милитанти“, истакна турскиот претседател.
Ердоган, меѓу другото, зборуваше и за недостатоците во структурата на Советот за безбедност на ОН, и за решавањето на овие проблеми рече дека „светот е поголем од 5-мината“, истакнувајќи дека се потребни реформи.
„Оваа година, на маргините на Генералното собрание, на средбите од високо ниво ќе стане збор за глобалниот мир, безбедноста и обезбедувањето просперитет“, рече Ердоган и додаде: „Од овие, најважна е лидерската средба на тема ‘Борбите со тековната миграција и бегалци’, која ќе се одржи на 20 септември. Целта на оваа средба која ќе ја води претседателот на САД, Обама, е да ја поттикне меѓународната заедница да преземе дополнителни обврски. На состанокот се очекува да се разгледаат некои основни прашања, како што се зголемувањето на хуманитарната помош за бегалците за 30 отсто, и по законски патишта двојно да се зголеми бројот на прифатени азиланти“.
- „Оваа криза доби глобални размери“ -
Ердоган истакна дека фокусот на состанокот во ОН ќе биде квотата за бегалците што имаат работна виза и за децата бегалци што одат на училиште да се подигне на 1 милион. Тој изјави дека очекува земјите-учеснички на состанокот да преземат нови чекори во согласност со овие цели. Ердоган истакна дека денеска Турција е земја којашто згрижи најголем број бегалци, и како таква има добиено посебна покана за овој состанок. Претседателот на Турција рече дека при обраќањето на Генералното собрание ќе ги изнесе деталите околу големата одговорност што единствено Турција ја презеде од почетокот на сириската криза досега, и додаде:
„Уште еднаш ќе повторам дека решението за проблемот е создавање безбедносна зона и подрачје ослободено од терористи. На Собранието, со лидерите ќе ја споделам важноста на операцијата „Штитот на Еуфрат“ за намалувањето на бегалската криза. Во рамките на оваа операција, нашите единици досега од терористите ослободија простор од 900 квадратни километри. Сакам да кажам дека овој простор – во моментов напредуваме кон југ – е простор од 5.000 километри, и е место на безбедна зона што го предлагаме... Жителите на Сирија, особено граѓаните на Џарабулус започнаа да се враќаат на ослободените териториите од ДАЕШ. Црвената полумесечина и турската хуманитарна помош ги покриваат сите потреби на овој народ. Се надевам дека нашите напори ќе овозможат да се намали стравот кај Сиријците од теророт, и дека ќе се зголеми бројот на луѓето што ќе се вратат во безбедните подрачја“.
„Верувам дека веќе целиот свет ги сфати, или ќе ги сфати овие факти“, рече претседателот на Турција, Ердоган и додаде: „Прашањето за Сирија не е проблем само за Сирија и за неколкуте соседни земји. Резултатите од оваа криза, рефлектирајќи се на останатите подрачја, добија глобален размер. Губењето на секоја секунда, секоја минута за решавање на сириската криза врз основа на легитимност и правда, е срам за Обединетие нации. Решението за нечовечкиот третман врз бегалците не се наоѓа криејќи се зад жичените огради. Почнувајќи од развиените земји, потребно е човештвото да ја сфати одговорноста за ова прашање. Се надевам дека овој состанок ќе ги намали димензиите на хумитарната криза и ќе придонесе, барем малку, загрозените бегалци да тргнат со стабилни чекори кон својата цел“.
news_share_descriptionsubscription_contact
